Власта го турка македонското земјоделство во пропаст – Левица бара итни мерки за спас

Домашното земјоделство се наоѓа во една од најтешките состојби во последните години, велат од Левица, посочувајќи дека на самиот праг на жетвата и бербата, земјоделците се оставени без официјални откупни цени, без навремено исплатени субвенции и без реална институционална заштита.

Бошко Бошев, претставник на Левица и лозар, тврди дека лошите политики на новата власт директно го туркаат домашното производство кон пропаст.

„Како лозар кој директно се соочува со овие маки, алармирам дека лошите политики на новата власт водат кон целосно уништување на домашното производство и долгорочна увозна зависност на Македонија. На прагот сме на берба и жетва, а земјоделците немаат ниту официјални цени, ниту исплатени субвенции. Додека трошоците за репроматеријали дивеат, АД ‘Водостопанство’ се полни со некомпетентни партиски кадри“, изјави Бошев за КТВ.

Од Левица посочуваат дека состојбата најдобро ја покажуваат поразителните економски показатели. Според нив, пред петнаесетина години откупната цена на пченицата изнесувала околу 17 денари за килограм, вреќа ѓубриво чинела 350 денари, а горивото околу 35 денари. Денес, во 2026 година, на земјоделците им се предлага цена од само 10 денари за пченица, односно од 8,5 до 10 денари за јачмен, додека вреќа ѓубриво достигнува 2.800 денари, а нафтата околу 90 денари.

Бошев оценува дека во вакви услови македонскиот труд е целосно обезвреднет, а домашното жито останува по складиштата, додека паралелно се евидентира увоз на пченица од соседството. Наместо државата да го заштити сопственото производство, земјоделците се оставени сами да ја носат цената на погрешните политики, велат од партијата.

Од Левица предупредуваат дека катастрофална е состојбата и во Тиквешијата. Како што наведуваат, ветената дестилерија во Кавадарци сè уште не е изградена, а на сила остануваат законски решенија кои дозволуваат кратење на цената до 8 проценти за брза исплата, што, според нив, оди директно на штета на лозарите. Пазарот е заситен со црно грозје, сигурен пласман нема, а слична е состојбата и со производителите на праски.

Левица целосно ги поддржува земјоделците и бара итна реакција од Владата. Партијата бара целосна исплата на субвенциите за житните култури и сончогледот најдоцна до петок, 10 јули 2026 година, дополнителни 5 денари по килограм предадена пченица од интервентниот фонд, привремена забрана за увоз на брашно и пченица до 31 декември 2026 година, како и построги контроли при откупот на грозјето и итни заштитни механизми за Тиквешијата.

Доколку институциите не реагираат веднаш, економската криза во руралните средини ќе продолжи да се продлабочува со сериозни економски и социјални последици, предупредуваат од Левица. Од партијата порачуваат дека нема да дозволат згаснување на македонското земјоделство и дека ќе продолжат да бараат системски решенија за заштита на трудот на земјоделците, домашното производство и прехранбената сигурност на државата.

Може да ве интересира