Порака од директорката на УЈП го запрела најавениот протест, синдикатот најавува можен штрајк

Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, со интерна порака испратена по електронска пошта рано утрово го запрела најавениот протест на вработените во институцијата, објави Телма.

Според телевизијата, пораката била испратена во 7:20 часот, односно два часа пред почетокот на протестот што во организација на репрезентативниот синдикат „Солидарност“ требало да се одржи пред регионалните дирекции на УЈП низ државата. Во известувањето, како што тврди синдикатот, било наведено дека учеството на протестот може да повлече дисциплинска одговорност.

Од синдикатот посочуваат дека вработените веќе четврти месец не го добиле најавеното зголемување на платите од седум проценти, ниту усогласувањето со растот на минималната плата, што би значело дополнителни 1.600 денари.

Претставниците на „Солидарност“ сметаат дека Законот за јавни собири дозволува организирање мирен протест и во работно време. Од друга страна, директорката Петрова во интерниот допис навела дека вработените имаат право на штрајк, но не и на мирни протести за време на работниот процес.

Претседателот на синдикатот „Солидарност“, Васе Неданоски, за „Телма“ изјавил дека голем број вработени му се пожалиле оти биле предупредени дека учеството на протестот е недозволено и спротивно на законските прописи.

Тој порача дека синдикатот останува отворен за решение преку дијалог, но предупреди дека не е исклучена можноста за организирање штрајк доколку не се најде решение за барањата на вработените.

Од УЈП, пак, попладнево соопштиле дека била одржана средба меѓу директорката Петрова и претставниците на двата репрезентативни синдикати – „Солидарност“ и САДУ. На состанокот бил отворен процес за подготовка на анекс на Колективниот договор, со кој треба да се усогласи пресметката на бодовите, а со тоа и висината на личниот доход.

И покрај тоа што протестот е откажан, незадоволството меѓу вработените во УЈП останува, а синдикатите продолжуваат со преговорите во очекување на договор за нивните барања.

Може да ве интересира