Став на Донче Мишовски- советник во Советот на Општина Кисела Вода и модератор на Л.О Кисела Вода
Повеќе од три децении живееме во постојан циклус на ветувања за подобра иднина, реформи и економски просперитет. Но, кога ќе се направи пресек на резултатите, останува прашањето: дали навистина самите ја креираме сопствената иднина или само ја следиме насоката што ни ја определуваат други преку корумпирани политичари.
Македонија со години води политики под силно влијание на надворешни центри на моќ – и во економската, и во безбедносната сфера. Без оглед на тоа како се оправдуваат таквите политики, факт е дека резултатите не се охрабрувачки. Наместо динамичен развој, добивме долготрајна стагнација во блага смисла. Наместо силни институции, сведочиме на нивно слабеење. Наместо економија што создава можности, имаме економија што кај голем дел од граѓаните создава чувство на неизвесност.
Постои едно едноставно правило што важи и во животот и во економијата: ако одреден модел со години не дава резултати, тогаш проблемот не е во трпението, туку во самиот модел. Не може да се очекува поинаков исход ако постојано се применуваат истите политики и се носат истите одлуки на штета на сопствениот народ. Успешните држави не напредуваат затоа што бескрајно експериментираат со неуспешни концепти, туку затоа што имаат храброст навреме да го променат курсот.
Последиците од нашата долгогодишна стагнација се видливи на секој чекор. Институциите сè потешко ја исполнуваат својата улога, законите често не се применуваат еднакво за сите, а довербата на граѓаните во системот постојано опаѓа. Ние немаме економски раст, сиромаштијата се чувствува во секојдневниот живот на луѓето, куповната моќ е ограничена, а многу семејства живеат со неизвесност за утрешниот ден.
Најголемата цена, сепак, ја плаќаат младите. Наместо својата иднина да ја градат дома, тие сè почесто ја бараат во држави каде што знаењето, трудот и компетентноста се вреднуваат повеќе од политичката припадност. Тоа не е само демографски проблем, туку и сериозна економска загуба. Секоја млада личност што заминува претставува изгубена инвестиција во образование, изгубен потенцијал за иновации и изгубена можност за економски развој.
Време е да се постави едноставно прашање: дали ќе продолжиме да чекориме по истиот пат, едни те исти политичари да не водат во ќорсокак, во бездна или конечно со нови компетентни луѓе на политичка сцена ќе изградиме економски и институционален модел што ќе се темели на сопствените интереси, знаење и одговорност? Дали конечно ќе погледнеме према изгрејсонцето, према новото утро или постојано ќе гледаме кон залезот. Што побрзо го дадеме одговорот на ова прашање толку побрзо ќе ја одредиме иднината на државата и на нашите поколенија.

