Карамитре: Предлогот за јавно-приватно претпријатие за бездомни кучиња отвора сомнежи за нетранспарентност и можен криминал

Советникот од Левица во Советот на Општина Струга, Климе Карамитре, обвини дека предлогот за формирање јавно-приватно претпријатие за третман на бездомни кучиња содржи повеќе спорни елементи кои, како што тврди, „мирисаат на криминал“. Во објава на социјалните мрежи, Карамитре посочи дека градоначалникот не дал одговор на клучните прашања поврзани со проектот, меѓу кои цената за откуп на земјиште, изборот на потенцијалниот инвеститор и исполнувањето на законските услови за вршење на ваква дејност. Според него, локалната власт наместо транспарентни објаснувања, се обидува одговорноста да ја префрли врз советниците кои бараат отчет за предложеното решение.

Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:

Неизгласаната точка за формирање јавно-приватно претпријатие за бездомни кучиња остана без објаснување од градоначалникот за неколку спорни точки кои мирисаат на криминал:

1. Општината да плати земјиште на “инвеститорот” по цена од 180.000 евра за 2.500 метри квадрати (додека општината може бесплатно да стави земјиште во свое располагање)?! Откако првиот пат не помина точката, градоначалникот во една недела од 180.000 евра ја намали цената на 100.000 евра само за земјиштето?!

2. Само со оваа сума од 100.000 евра за земјиште можат да се кастрираат 2.000 кучиња – бројка што радикално ќе го намали бројот на бездомни кучиња!

3. Иако не е ни распишана одлука каде ќе конкурираат повеќе субјекти, извесен инвеститор од Заграчани веќе купува опрема, што алудира на веќе скроен договор со локалната власт?!

4. Како инвеститор кој нема ни ангажирано ветеринарна амбуланта, нема кадар, нема решение од Агенција за храна и ветеринарство, нема програма за вдомување и протокол за работа ќе работи на ваква сериозна проблематика – освен ако не служи само за перење пари?!

Локалната власт не може одговорноста за својата нетранспарентност и коруптивни зделки да ја префрлаат на советниците кои бараат одговори. Апелирам до локалната власт: дури и решението на претходната власт каде ветеринарна служба заловуваше и кастрираше кучиња е поефикасно и порационално од оваа сомнителна шема со земјиште од 100.000 евра.

Без надзор од искусни професионалци и стручни лица во работата на вакво претпријатие, основани се сомнежите дека се работит за пералница на пари и касапница без минимум технички стандарди. И тоа е условот за поддршка на ваков проект, за кој нема никаков слух од градоначалникот.

Може да ве интересира