Пишува проф. д-р Димитар Апасиев
„Па каква корист имаме ние од судиите, ако тие можат да бидат принудени да се сложат со неправичните барања на власта“? (проф. Ван Кенеген)
Нека овде ми биде дозволено, како редовен универзитетски професор по право, стручно да спорам со уставните судии, провоцирајќи ја нивната професионална етика, граѓанска свест и човечка совест – бидејќи, нели: „Она што е личноста за поединецот, тоа е уставот за општеството“ (Philip Allott, Eunomia, 2001). Притоа, јас не би им го поставил Раселовото прашање „Како“ – како тие ги носат одлуките?, туку Шопенхауровото прашање ЗОШТО – зошто, по ѓаволите, постојат во нашиот правен систем?
Всушност, јас ја проблематизирам нивната комотна и неодговорна позиција, поименично и јавно прозивајќи ги за тоа што преку нечесно изигрување на правото (лат. fraudem leges) дозволуваат една опозициона парламентарна партија, со пратеничка група од шест пратеници, да биде противуставно цензурирана и да има тотално нефер третман во изборната трка, без никаков пристап до медиуми – небаре е терористичка организација, а не легална и судски регистрирана политичка партија.
Уставното судство е нашето најголемо правно наследство од социјализмот
Во светската правна теорија и пракса, уставното судство се смета за најголемо правно откритие по Првата светска војна. Првиот Уставен суд е воведен во Австрија (1920), под силно влијание на прочуениот претставник на нормативизмот – Ханс Келзен, познат по својата „Чиста теорија на правото“. Кај нас, за прв пат, Уставниот суд е воведен за време на Југословенската федерација, со Уставот на СРМ (1963). Југославија е првата комунистичка земја која воведе уставно судство! Најзаслужен за продорот на овие прогресивни идеи е легендарниот професор од Правниот факултет во Белград – д-р Јован Ѓорѓевиќ, брилијантен ерудит, основач на Меѓународното здружение за уставно право и личен пријател со револуционерот Че Гевара.
Како што умесно забележува еден од нашите најеминентни конституционалисти – проф. Светомир Шкариќ, чијшто ментор е споменатиот проф. Ѓорѓевиќ, специфичната вредност на оваа значајна институција е тоа што Уставниот суд на РМ е четврта власт, односно орган кој стои надвор од вообичаената тријалистичка поделба на државната власт (законодавна + извршна + судска). Впрочем, тој не е суд, иако номинално се нарекува „суд“! Затоа во уставното судство немаме инстанционо судење, оти Уставниот суд е „прва и последна инстанца“, т.е. неговите одлуки се конечни и извршни и не подлежат на понатамошна проверка од повисок суд. Примарно, тој не суди конкретни случаи, туку постапува во апстрактни спорови – не меѓу граѓани, туку меѓу прописи.

Судократијата е противуставна
Од моментот на воведувањето на уставното судство, до денес сè уште нема валиден одговор на прашањето кое го поставил американскиот професор по уставно право Мауро Капалети (1971): „Кој нас ќе нè чува од чуварите на Уставот“? Засега, најприфатлив одговор дал јапонскиот професор Јоичи Хигучи, кој вели дека најдобриот заштитник од судократијата е „интелектуалниот и научниот профил на судијата“! Токму затоа и уставните судии не се професионални судии од кариера и затоа за нив не важат посебните услови за избор на судија од системскиот Закон за судови (2006). Тие не ни одлучуваат на ист начин како судиите во редовните судови – врзани се само со Уставот, а не и со законите.
Злоупотребата на правото од страна на оние на кои им е доверено неговото чување преминува во штетна судократија – кога судот (со мало „с“) си ја припишува улогата и на уставотворец / законодавец – што, пак, е мошне опасна појава во едно „транзициско општество“, особено кога станува збор за сервилни судии кои се под просекот и со еродиран морален хабитус. Наместо правна елеганција во нивните образложенија, гледаме вообразена ароганција во нивните постапки!? За жал, и покрај тоа што нашиот Устав им дал најдолг, деветгодишен, мандат на овие судии – сакајќи така да ја осигура нивната независнот и непристрастност – мислењето на стручната, но и на лаичката јавност е дека денешниов е меѓу најслабите персонални состави на македонскиот Уставен суд во неговата полувековна историја!
Чиновничкиот менталитет е инкомпатибилен со позицијата уставен судија
Колку ли само бедно изгледаат празните чиновнички биографии на некои од сегашните актуелни уставни судии со скромен правнички капацитет и никаква ерудиција, кога ќе се споредат со некои од поранешните уставни судии од времето на „тоталитарната“ и еднопартиска СФРЈ… Замислете ја споредбата на овие тесногради бирократи – кои наместо медијатори, станаа генератори на државната изборна криза – со широчината на поранешните уставни судии, меѓу кои се вбројуваат доајените и научните великани од типот на Иво Пухан – професор по римско право; Евгени Димитров, Владимир Митков и Ѓорѓи Цаца – професори по уставно право; Асен Групче – професор по граѓанско право; Димитар Поп Георгиев – професор по облигационо право; Тодор Џунов – професор по меѓународно приватно право и др.
Наспроти овие ги имате следниве таленти кои во животот да фателе златна рипка, немало ни да им текне да побараат да бидат тоа што се денес:
а) Добрила Кацарска (род. 1957) – единствена судијка во фелата која е санкционирана и казнета токму од Уставниот суд, пред самата да стане уставна судијка, поради изживување со адвокатите на одбраната. Оваа госпожа од тефтерчето на Заев и пријателот Камчев, која ги осуди оние несреќници за „27 април“ на преку 300 години затвор, небаре се терористи во Отоманската империја, како долгогодишен редовен првостепен судија-кривичар, колку и да се труди не може и не може да го сфати елементарното – дека да, Уставниот суд понекогаш одлучува и за „политика“, односно за прашања кои го тангираат јавното право (лат. ius publicum), а не приватното. Но, битно работела на проекти на USAID и одвреме-навреме се шета со двајца телохранители низ Скопјево.
б) Татјана Васиќ Бозаџиева (род. 1973) – магистер по граѓанско право, со службеничко работно искуство во три министерства и неколку управни органи, агенции и заводи, светлосни години далеку од правната теорија и доктрина. Но, не се секирајте – дотичната има четири стана, две коли и една викендичка и дури десет трансакциски сметки на потесното семејство. Таа е десет пати побогата од „најсиромашниот“ нејзин колега, со пријавен имот од околу пола милион евра!?
в) Фатмир Скендер (род. 1966) – дебарчанец, од село Мал Папрадник. Избран по Рамковен. Од работно искуство има работено во катастар, а во неговото „богато“ CV навел дека дури бил и секретар на Општина Центар Жупа. Ептен истакнат правник, нема муабет.
г) Насер Ајдари (род. 1960) – избран во време на ДУИ. Бил секретар на Општина Арачиново, потоа чиновник во Министерство за труд, па јавен обвинител, па државен правобранител. Не бил уште космонаут, ама цели натаму.

Да се запре Власта – тоа е суштината на Уставот!
Кога говорам за македонските прилики, јас намерно одбегнувам да ја употребувам синтагмата Уставен суд на РМ – оти тој, навистина, не постои! За ова имам оправдување во радикалното стојалиште на една современа философско-правна школа, наречена јусреализам, која вели дека судовите се само згради, а судиите се тие кои носат пресуди. Со тоа, претставниците на ова јуристичко учење сакаат да го стават акцентот врз „креативноста, промисленоста и луцидноста на разборитите судии“ (elegantia iuris) при толкувањето и креирањето на правото. Се чини дека проф. Ван Кенеген, во својата позната книга Историски вовед во Западното уставно право, го има поставено суштинското прашање: „Па добро, еве, запрашајте се каква корист имаме ние од судиите, ако тие можат да бидат принудени да се сложат со неправичните барања на власта“? Токму ова суштинско прашање како да е адресирано до овие наши четворица „истакнати правници“ кои експресно и од пизма гласаа ПРОТИВ иницијативата на Левица за оспорување на одредбите од Изборниот законик кои ја цензурираат само нашата партија, а на сите други им го гарантираат правото на „платено политичко рекламирање“ (ППР) со наши државни пари од републичкиот Буџет.
Речиси сум убеден дека тие не ни знаат оти етимологијата на зборот УСТАВ доаѓа од старословенскиот јазик, видливо од српско-хрватскиот глагол [за]уставити = „да се запре“. А што да се запре, освен моќта на политичарите и државните функционери. Да се запре Власта – тоа е суштината на Уставот! Ако нема запирање на власта, тогаш не постои ни устав во материјална смисла, туку само пишан текст врамен во тврди корици и објавен во Службен весник.
Правната херменевтика бара углед, кредибилитет и ерудиција
Ханс Гадамер вели дека за да толкуваш, мора да го знаеш, спознаеш и осознаеш предметот кој го толкуваш. Станува збор за правна интерпретација на искуството изразено низ зборовите: „Ние живееме и умираме за зборови; ние создаваме и убиваме за зборови; водиме војни и креваме револуции за зборови“! Според германскиот професор по државно право – Теодор Маунц, треба да се толкува „волјата на уставот“, а не „волјата на уставотворецот“ – оти, понекогаш, толкувачот може и подобро да го протолкува уставот, отколку неговите автори.
Притоа, толкувањето на Уставот – без оглед на тоа кој метод се употребува т.е. дали граматичкиот, системскиот, нормативно-правниот, историскиот или телеолошкиот – не значи креирање нови норми, туку појаснување на постојните преку нивна интерпретација и адаптација, со цел олеснување на нивната примена. Тоа овозможува заштита од пречесто менување на уставните норми, бидејќи на тој начин тие не се скаменуваат, туку се прилагодуваат на општествениот контекст и на живиот социјален реалитет. Затоа, проф. Роберт Шутце, во неговото дело Европско уставно право, вели дека толкувањето на правото е сместено некаде „помеѓу науката и уметноста“! Тврдењето дека уставните судии не вршат толкување, туку само применување на Уставот и дека него „никој не може да го толкува“ не е ништо друго туку правење фетиш и религиозна реликвија од него, бегање од обврската тој да се објективизира и непосредно да се применува и негово свесно оддалечување од граѓаните, како носители на народниот суверенитет.
Судиското незнаење на византиската Четворка „истакнати правници“
Во последниов дел од овој академски блог прегледно ќе ги образложам правните аргументи поради кои предметот на Левица не може да се третира како „пресудена работа“ (лат. res iudicata) и зошто Уставниот суд не смее да ја отфрли нашата уредна Иницијатива, применувајќи го членот 38, ст. 1, ал. 2 од Актот на Уставниот суд на РСМ (2024) – кој е неприменлив во случајов.
Просто, затоа што има НОВИ и БИТНО ПРОМЕНЕТИ ОКОЛНОСТИ, т.е. тука е применлива клаузулата rebus sic stantibus, позната уште од Римското право. Тоа значи дека вие не можете да се повикувате на „доследност“ кон некоја мината субјективна одлука, кога пред очи објективните околности драстично се смениле, односно фактичката состојба суштински и енормно се променила до тој степен што доведува до неможност на примена на постоечкото материјално право, кое не соодветствува на реалноста и веќе може да се примени врз новите факти и околности, затоа што тие во меѓувреме битно се промениле – па ако се обидете да ги супсумирате под истата неприменлива правна норма, добивате она што во правото се нарекува „заблуда за фактите“ (лат. error facti).
- Во 2023 немало ниту една дискриминирана партија, ама во 2025 има!
Клучниот аргумент зошто Уставниот суд, со Решението У.бр.1/2022 (од 5 јули 2023 год.), НЕ ПОВЕЛ постапка за оценување на уставноста на истите скандалозни и оспорени членови од Изборниот законик во 2023 година е тоа дека:
„Според Судот, токму од содржината на оспорените одредби произлегува дека рекламниот простор што политичките партии го добиваат во медиумите, како и средствата за финансирање на политичките партии се распоредуваат во зависност од бројот на избирачки гласови што истите ги добиле во последниот изборен процес. Тоа значи дека законодавецот, со определувањето на наведениот критериум по кој ќе се врши медиумското рекламирање и финансирање на кампањата на политичките партии и кандидати во изборниот процес, ги опфатил СИТЕ политички партии и кандидати за пратеници, учесници во тој процес, на кој начин се создадени услови сите да бидат соодветно претставени и застапени во изборната кампања“ [стр. 11, пар. §2-3].
„Ова, дотолку повеќе што со оспорените одредби им се дава можност на СИТЕ учесници да имаат право на платено политичко рекламирање, но со исполнување на одредени објективни критериуми утврдени во Изборниот законик“ [стр. 13, §4].

Епа, in concreto, баш тоа сега не е случај! Во 2023 година СИТЕ ПАРТИИ биле застапени во платеното политичко рекламирање, ама во 2025 – САМО ЕДНА ПАРТИЈА не беше!!! А тоа е така, затоа што, во меѓувреме, се појави трет ентитет [дотогаш непостоечки], односно сосем нова категорија – „парламентарни партии со пратеничка група“ кои не се дел од најголемите две групации на власта или на опозицијата, а која дотогаш ја немаше, па затоа не ни беше предвидена во Законот. Дали е сега појасно каде е кваката? Со други зборови, до 2025 постоеле само два ентитета, но сега се појавил ТРЕТ, чиј статус во никој случај не смее да биде игнориран. Оттука, отпаѓа клучниот досегашен аргумент на уставните судии – дека наводно „пропорционално имало предвидено средства за сите партии“, без оглед дали се мали или големи“!? Не! За Левица немаше предвидено никакви средства, а ќе нема ни во иднина и токму тука лежи штетата (политичка и финансиска), како и дискриминацијаta (директната и продолжена), на која укажа и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација – која се вклучи како „пријател на судот“ (лат. amicus curiae) во нашиот судски спор кој го водиме против ДИК и АВМУ.
Впрочем, скандалозно е да се правите при очи слепи на новонастанатата состојба и да правите крајно опасен и досега невиден преседан во три и пол децениската плуралистичка историја, со груба цензура и целосно исклучување на само една партија, за која не важи законот, небаре е непостоечка.
- Неправичноста ја увиделе сите домашни органи, освен Уставниот суд!?
Дека Левица е апсолутно и непогрешливо во право во овој нелогичен и апстрактен спор, доволно говори и фактот дека дури четири домашни јавни органи и државни институции кои се најповикани и задолжени да ги имплементираат оспорените одредби од Изборниот законик, интервенирале со писмен допис до Собранието на РМ за да укажат на нефер третманот на политичките субјекти, токму онака како што укажува и Левица! Па така, уште пред последните Локални избори, во септември 2025 – Државната изборна комисија (ДИК) + Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) + Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) + Државниот завод за ревизија (ДЗР) – со заедничко колегијално Известување службено го запознаваат Собранието со неконзистентноста на системот и со „непрецизностите во Изборниот законик“, токму во однос на одредбите кои го регулираат ППР (платеното политичко рекламирање).

- На фрапантната дискриминација врз Левица укажуваат и релевантни меѓународни организации и европски трибунали
Конечно, за оваа несфатлива, недозволена и неодржлива состојба во едно „демократско општество“, со таргетирана непристапност до медиумите само за еден единствен правен субјект во изборниот процес, алармираше и најкредибилната и светски призната меѓународна организација која се бави со прашањата на изборите – ОБСЕ / ОДИХР, во Глава X на својот посебен Извештај (ODIHR Interim Report, 5 September–1 October 2025, стр. 11); а за неприфатливоста на оваа состојба vis-à-vis широко прифатените меѓународни стандарди и добри практики јасно укажа и специјализираната организација IFES – International Foundation for Electoral Systems.

Argumentum a fortiori, крајно, тука ќе ја споменам и клучната Пресуда C-294/83 (1986) на Европскиот суд на правдата на ЕУ со седиште во Луксембург, во познатиот случај „Еколошка партија на Зелените против Европскиот парламент“. Тука, Судот ја прифати правната аргументација на апликантот и одлучи дека Европскиот парламент, со НЕФЕР РАСПРЕДЕЛБАТА на финансиските средства, создал „неправедна предност“ и ја нарушил еднаквоста помеѓу политичките субјекти. Во аргументацијата на сентенцата, Судот укажа дека државите имаат „позитивна обврска да обезбедат еднаков и правичен пристап до политичките ресурси“! Тоа значи дека институциите не смеат да бидат неутрални, туку мораат да преземат мерки за да ја гарантираат рамноправноста на условите за политички натпревар. Овој круцијален став, како авторитативен правен стандард и задолжително начелно правно мислење (лат. opinio iuris), значајно го проширува концептот на СИСТЕМСКА НЕДИСКРИМИНАЦИЈА, при што Судот на ЕУ наведува дека:
„Недискриминацијата не се однесува само на забрана на директна нееднаквост (на пример, експлицитна забрана за финансирање на една политичка партија врз основа на идеологија), туку у на потребата да се спречат системски механизми што создаваат de facto дискриминација или фаворизирање на доминантните партии.
Изборниот систем кој предвидува финансиска поддршка исклучиво или претежно за оние етаблирани партии кои веќе имаат избрани пратеници, создава неправедна фаворизација и неоправдана предност за веќе доминантните субјекти! Ова не е само прашање на политика, туку правно прашање за правна еднаквост.
Со привилегирање на веќе постоечките субјекти, институциите de iure и de facto ја нарушуваат гарантираната еднаквост на можности и создаваат институционална бариера за новите или помалите партии ефективно да учествуваат во политичкиот живот на земјата.
Секое ограничување на пристапот до ресурси, медиуми или партиципација во изборниот процес може да биде толкувано како форма на дискриминација спротивна на принципите на оваа Пресуда“.


