Во својата најнова колумна, претседателот на Левица и универзитетски професор по право Димитар Апасиев упатува остра критика кон Уставниот суд, оценувајќи дека институцијата наместо да биде чувар на уставноста, дозволува политичка дискриминација и нефер изборни услови. Апасиев го отвора прашањето за суштината на постоењето на Уставниот суд, наведувајќи дека нема да го постави Раселовото прашање „како“ судиите ги носат своите одлуки, туку Шопенхауровото прашање „зошто, по ѓаволите, постојат во нашиот правен систем“.
Во колумната Апасиев, како што вели, ја проблематизира нивната комотна и неодговорна позиција и ги поименично и јавно ги прозива за тоа што „преку нечесно изигрување на правото дозволуваат една опозициона парламентарна партија, со пратеничка група од шест пратеници, да биде противуставно цензурирана и да има тотално нефер третман во изборната трка, без никаков пристап до медиуми“.
Во колумната тој потсетува на историската улога на уставното судство како независен коректив на политичката власт, предупредувајќи дека неговата злоупотреба води кон опасна судократија. Најнапред ја објаснува улогата на уставното судство како институција која треба да биде чувар на Уставот и коректив на политичката власт, нагласувајќи дека независноста, интегритетот и стручноста на уставните судии се клучни предуслови за неговото функционирање.
Според него, современиот состав на Уставниот суд не го исполнува тој стандард, а дел од судиите ги оценува како личности без доволен научен, професионален и морален кредибилитет за функцијата што ја извршуваат. „Речиси сум убеден дека тие не ни знаат оти етимологијата на зборот УСТАВ доаѓа од старословенскиот јазик, видливо од српско-хрватскиот глагол (за)уставити = ’да се запре’. А што да се запре, освен моќта на политичарите и државните функционери. Да се запре Власта – тоа е суштината на Уставот! Ако нема запирање на власта, тогаш не постои ни устав во материјална смисла, туку само пишан текст врамен во тврди корици и објавен во Службен весник“, пишува Апасиев.
Централниот аргумент во колумната е дека случајот на Левица не може да се третира како веќе пресудена работа, бидејќи по одлуката на Уставниот суд од 2023 година се појавиле суштински нови околности. Апасиев објаснува дека во 2025 година за првпат се појавила парламентарна партија со сопствена пратеничка група која не припаѓа ниту на владејачкиот, ниту на најголемиот опозициски блок, а токму поради тоа останала единствен политички субјект без право на платено политичко рекламирање. „Во 2023 година сите партии биле застапени во платеното политичко рекламирање, ама во 2025 – само една партија не беше. А тоа е Левица“, наведува тој.
Апасиев нагласува дека оваа неправичност не ја констатира само Левица, туку и повеќе домашни институции. Тој потсетува дека ДИК, АВМУ, ДКСК и Државниот завод за ревизија заеднички укажале до Собранието дека постојат непрецизности во законските решенија за платеното политичко рекламирање.
Во прилог на својата аргументација, Апасиев се повикува и на извештаи на ОБСЕ/ОДИХР и IFES, како и на праксата на Европскиот суд на правдата на ЕУ, според која државите имаат позитивна обврска да обезбедат еднаков и правичен пристап до политичките ресурси и медиумите.
Според Апасиев, со игнорирањето на овие аргументи, Уставниот суд не само што пропуштил да ја заштити уставната еднаквост, туку создал опасен преседан со кој, како што наведува, „со груба цензура и целосно исклучување на само една партија, за која не важи законот, небаре е непостоечка“.
Колумната Апасиев ја завршува со оценка дека Уставниот суд наместо да биде браник на политичкиот плурализам и еднаквоста пред Уставот, дозволил да продолжи системска дискриминација, со што ја довел во прашање сопствената улога како највисок чувар на уставниот поредок.
Целата колумна можете са ја прочитате на следниот Линк.

