Иранскиот политиколог Лотфолах Кавех Афрасијаби поднесе тужба во федералниот суд во Бостон против ФИФА, нејзиниот претседател Ѓани Инфантино и други неименувани функционери, барајќи отштета од една милијарда долари поради, како што тврди, неправедната елиминација на Иран од Светско првенство во фудбал 2026.
Тужбата се однесува на контроверзната ВАР-одлука со која беше поништен погодокот на Шоџа Калилзадех во судиското продолжение од натпреварот против Египет, кој заврши нерешено 1:1, а резултатот го елиминираше Иран од турнирот.
Афрасијаби бара случајот да добие статус на колективна тужба во име на, како што наведува, до 91 милион Иранци и Иранци-Американци, кои, според тужбата, биле оштетени од „двојни стандарди, лицемерие и отворена дискриминација“ кон иранската репрезентација.
Во поднесокот се тврди дека постојат „јасни и неспорни“ докази дека одлуката за офсајд била погрешна и намерно донесена за да му се одземе победата на Иран.
Поранешниот шведски напаѓач Златан Ибрахимовиќ претходно ја оцени судиската одлука како „кражба“ и изјави дека ФИФА ѝ должи извинување на иранската репрезентација.
Во тужбата се споменуваат и пошироки политички околности околу настапот на Иран на Светското првенство, вклучувајќи ограничувања за патување, проблеми со издавање визи и преместувањето на репрезентацијата од Аризона во Мексико поради тензиите меѓу Иран и САД.

