На 1 јули 2026 година, Комунистичката партија на Кина (КПК) ја прослави својата 105-годишнина. 77 од тие 105 години, таа владее со најнаселената земја во светот. “Комунистичката партија ја направи Кина голема” е популарен слоган во Кина. Овие 105 години беа предизвикувачки и полни со испитувања, и КПК прерасна од марксистичка група од само 53 луѓе во најголемата партија во светот, со над 100 милиони членови денес.
Кинеската комунистичка партија е основана во 1921 година од млади интелектуалци. Нејзиниот прв лидер, Чен Дуксиу, бил професор на Пекиншкиот универзитет, а неговиот близок соработник, Ли Дажао, бил раководител на библиотеката таму. Идниот претседател Мао Це Тунг работел како асистент на Ли Дажао во библиотеката и присуствувал на првиот конгрес на КПК во јули 1921 година во Шангај како еден од сопствениците на книжарница во градот Чангша, продавајќи литература популарна кај прогресивната младина.
Од маргинална партија, Комунистичката партија на Кина успеа да го преживее Шангајскиот масакр кога Куоминтанг, предводен од Чанг Кај-шек, со поддршка на Зелената банда, уби илјадници комунисти и работници, раскинувајќи го својот сојуз со комунистичката партија на Кина.
Чанг Кај-шек стана диктатор, што доведе до избувнување на граѓанска војна и премин на револуцијата во подземна борба. Мао, Џоу Енлај како и другите интелектуалци, зеле оружје во рацете и го посветиле целото свое време и енергија во борбата против диктаторот Чанг Кај-шек, а после 1933 година и на борбата против јапонската окупација на Кина.
После победата над јапонската окупација во 1945 година, Комунистичката партија на Кина предводена од Мао Це Тунг победи во граѓанската војна во 1949 година против Куоминтанг и на 1-ви октомври 1949 година беше создадена Народна Република Кина. На тој начин беше ставен крај на периодот на понижување и на окупација на Кина, и започна мирниот период на развој на НР Кина кој што беше проследен со подеми и падови на економски и културен план.
Со доаѓањето на прагматичниот Денг Сјаопинг на власт во 1978 година, НР Кина започна со економски и државни реформи кои доведоа до бурен економски развој и трансформација на НР Кина, трансформација слична на Феникс која трае до ден денес. Тогаш од страна на Денг Сјаопинг беа поставени две стратешки стогодишни цели на КПК.
Првата цел, во која социјалистичката идеологија е принудена да се комбинира со пазарна економија, беше наречена “почетна фаза на градење социјализам со кинески карактеристики”. Според идеолозите на КПК, таа требаше да трае до 2049 година, завршувајќи точно на стогодишнината од основањето на НР Кина. Ху Џинтао, кој ја водеше Партијата и Кина од 2002 до 2012 година ја формулираше оваа задача како «изградба на просперитетна, моќна, демократска, цивилизирана и хармонична модерна социјалистичка земја”.
Втората цел – да се елиминира апсолутната сиромаштија во земјата до 2021 година, на стогодишнината од основањето на Комунистичката партија – беше успешно постигната до крајот на 2020 година. Кина извлече речиси 800 милиони луѓе од сиромаштија – повеќе од 70% од глобалното намалување на сиромаштијата – исполнувајќи ги Целите за одржлив развој на ООН 10 години пред предвидениот рок. Вековната ера на сиромаштија заврши на древна кинеска почва – невидено во историјата на човечката цивилизација е достигнувањето на толку многу луѓе кои избегаа од сиромаштија за толку кратко време.
Си Џинпинг, веднаш по доаѓањето на власт во 2012 година, го предложи концептот на “кинески сон”. Клучот за разбирање на оваа идеологија е содржан во говорот на Си, во кој тој изјавил дека “КПК е локомотива за остварување на кинескиот сон, а градењето социјализам со кинески карактеристики е единствениот пат кон големото подмладување на кинеската нација”. Според тоа, во сегашната фаза, целта на КПК не е да изгради комунистичко општество, туку да го оствари “кинескиот сон” – односно да го врати (не едноставно да постигне) националното величие и големина!
Денес, со право можеме да тврдиме дека под водство на КПК, Кина стана еден од светските лидери во економскиот, научниот и технолошкиот развој. Од маргинална и сиромашна аграрна земја, Кина се трансформираше во водечка економија во светот. Денес, Кина е водечка технолошка и економска суперсила, а не само “светска фабрика”.
Земјата произведува над 30% од светското индустриско производство, но исто така држи водечка позиција во вештачката интелигенција, 5G технологијата, електричните возила и зелената енергија. Кина поседува единствена инфраструктура, која ги опфаќа сите 100 видови индустриски технологии. Во 2025 година, БДП на Кина достигна 140,19 трилиони јуани, што по просечен годишен девизен курс беше приближно 20 трилиони долари.
Очекуваниот животен век во Кина се зголеми од 35 години во 1949 година на 79,25 години во 2025 година. Денес, просечниот Кинез живее 44 години подолго отколку во раните години по основањето на Народна Република Кина. Оваа бројка претставува милиони семејства кои преминале од недостаток на медицинска нега до достапна здравствена заштита, од неухранетост до здрав и долг живот.
Зад овие достигнувања лежи јасното разбирање на КПК за нејзината цел. Како што истакна генералниот секретар Си Џинпинг во својот говор на церемонијалниот состанок по повод 105-годишнината од основањето на КПК, примарната цел на Партијата е да се стреми кон среќата на кинескиот народ и подмладувањето на кинеската нација. Многу странски научници кои долго време го проучуваат развојот на Кина дојдоа до следниот заклучок: за да се разбере КПК, мора да се препознае дека таа не е “партија” во западната политичка смисла. Таа не е врзана за изборни циклуси и не претставува интереси на тесни групи. Таа носи поширока и подлабока одговорност за подобрување на животниот стандард на сите луѓе.
Реката на историјата тече незапирливо, а патот на подмладување маршира цврсто и самоуверено. Стоејќи на историската пресвртница на 105-годишнината од своето основање, Комунистичката партија на Кина, под цврсто водство на Централниот комитет на партијата предводен од Си Џинпинг, останува верна на своите првични цели и мисија, унапредувајќи го големото подмладување на кинеската нација преку кинеска модернизација. Кина, заедно со други земји, заеднички ја спроведува Иницијативата за глобален развој, Иницијативата за глобална безбедност, Иницијативата за глобална цивилизација и Иницијативата за глобално управување, давајќи го неисцрпниот придонес на Кина во градењето заедница со заедничка иднина за човештвото и подобра иднина за луѓето од сите земји.
Тодоровски Дарко

