„Поместени граници 2026“ – изложба во програмата на „Скопско лето“

На Скопско лето, денеска (30 јуни) со почеток од 20:30 часот, во семејна куќа на ул. Атинска во Скопје, ќе се отвори изложбата „Поместени граници“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Кураторка е Гордана Велков, која создава концепт насочен кон индивидуалните мемории, предлагајќи изложбен простор во семејна куќа во населбата Тафталиџе.

Концептот „Разбудени сеќавања“ овозможува поместување на границите во ликовниот израз преку евоцирање на личните сеќавања, инспирирани од материјалноста на интимниот простор, различен од етаблираните изложбени простори како галериите и музеите.
„Физичкото присуство на предметите, садовите, како и архитектонските и ентериерните решенија во просторот, претставуваат меморија за едно време и се производ на едно искуство. Тие се поставени, уредени и одржувани од севкупноста на нечии сеќавања“, наведува кураторката Гордана Велков.
Таа истакнува дека создадените сеќавања на уметниците ќе оформат нова материјалност преку која ентериерот на архитектонскиот амбиент ќе се трансформира во суптилен изложбен простор. Во него личните перцепции, емоции и имагинација на авторите ќе се преточат во различни уметнички форми, ликовни техники и стилови, отворајќи можности за истражување и проширување на границите на современиот ликовен израз.
Изложбата ќе се реализира како резиденцијален престој во текот на јуни, а свеченото отворање е закажано за 30 јуни 2026 година и ќе биде отворена за посетителите до 2 јули 2026 година.

Изложбата ќе биде отворена до 2 јули.

Може да ве интересира