Археолошко откритие во Пелагонија: На Велушка Тумба откриени едни од најголемите неолитски печки во Европа

Неодамна завршија најновите археолошки истражувања на локалитетот Велушка Тумба кај селото Породин во Пелагонија, при што беа откриени исклучително значајни наоди што отвораат нови сознанија за животот на првите земјоделски заедници на овие простори пред околу 8000 години.

Истражувањата се реализираат во соработка меѓу Н.У. „Завод и музеј“ – Битола и Центарот за истражување на предисторијата, со учество на Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел. Раководител на проектот е д-р Гоце Наумов, а кораководител е вишиот кустос Јасмина Гулевска. Во археоботаничките анализи учествуваат и д-р Феран Антолин и д-р Амалиа Сабанов.

Археолозите добија нови информации за архитектурата, материјалната култура, стопанството и обредните практики на неолитската заедница што ја основала оваа населба. Велушка Тумба била населена континуирано во почетокот на шестиот милениум пред нашата ера, а со векови новите куќи биле градени врз старите, создавајќи археолошка тумба висока околу четири метри.

Во истражуваните слоеви се регистрирани остатоци од десетина објекти изградени еден врз друг. Археолозите открија подови и ѕидови од живеалишта, глинени конструкции, голем број керамички садови, како и мелници што сведочат за развиено земјоделство и обработка на житни култури.

Најголемо внимание годинава привлече откривањето на две монументални неолитски печки за печење леб во рамките на таканаречената Градба 13. Покрај нив биле пронајдени и глинени сандаци за мелење жито и подготовка на тесто. Според археолозите, поради нивните димензии тие претставуваат едни од најголемите неолитски печки досега откриени во Европа, поради што ќе биде неопходна нивна конзервација и соодветна заштита.

Особено редок и вреден наод е откриен над една од печките, каде што била изградена правоаголна структура во чиј агол било погребано новороденче поставено во превртен керамички сад. Овој погребен обред е исклучително редок меѓу европските неолитски заедници и, според истражувачите, ја симболизира поврзаноста меѓу куќата, печката, садот и човечкиот живот.

Во непосредна близина биле пронајдени околу дваесет керамички садови што се користеле за подготовка и консумирање храна, а дел од нив биле украсени со карактеристични бели орнаменти, што укажува дека имале и церемонијална или репрезентативна функција.

Истражувањата донесоа и откритија на жртвеници, модели на куќи, фигурини, како и камени и коскени алатки. Овие наоди нудат вреден увид во духовниот живот, симболиката и секојдневните активности на првите земјоделци во Пелагонија.

Покрај класичните ископувања, тимот прибираше примероци за радиокарбонски, археоботанички и геоархеолошки анализи, кои ќе овозможат попрецизно датирање на сите фази од локалитетот и ќе помогнат во реконструкцијата на тогашната исхрана, клима, природна средина и домашните активности.

Во моментов се подготвуваат повеќе научни трудови што ќе бидат објавени во македонски и европски научни списанија, со што Велушка Тумба ќе добие уште поголема меѓународна афирмација како едно од најзначајните неолитски наоѓалишта во регионот.

Теренските истражувања се финансирани од Министерството за култура и туризам, додека лабораториските анализи се поддржани од Германскиот археолошки институт. Откритијата од годинашната кампања уште еднаш ја потврдуваат исклучителната археолошка вредност на Пелагонија и нејзината важна улога во проучувањето на најраните земјоделски цивилизации во Европа.

Може да ве интересира