Крум Велков, преку објава на социјалните мрежи, остро реагираше на одлуката на Владата за враќање на концесиите за рудникот Иловица-Штука, оценувајќи дека таа е „суштински нелегитимна“ и „коруптивна“. Во објава на Фејсбук тој наведе повеќе причини за ваквиот став, меѓу кои се противењето на локалните самоуправи и граѓаните на Југоисточниот регион, обвинувања за влијание на рударското лоби и критики кон судските институции и Владата. Велков порача дека граѓанскиот отпор против отворањето на рудникот ќе продолжи и побара институциите да се откажат од проектот.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
ОТСТАПЕТЕ ОД РУДНИКОТ
(Нелегитимно е, коруптивно е)
Одлуката на владата за враќање на концесиите на промафијашката групировка Еуромакс Рисорсис е суштински нелигитимна од повеќе причини. Некои од нив:
1. Сите четири струмички локални самоуправи во 2023 се изјаснија против рудници и Г-1 индустрија. Без ниту еден глас против;
2. На локалните референдуми во 2017 практично 99% од излезените гласачи гласаа против рудник. Како и целиот Југоисток;
3. Низ речиси десет години отпор, низ разни видови протести, особено со долготрајната блокада во 2019, граѓаните недвосмислено истапија против рудник;
4. Еуромакс Рисорсис е извор на отворена корупција на општеството. Компанијата нема ниту еден рудник зад себе. Таа е во условен банкрот, има забрана за тргување на канадската берза.Таа е само пробивач на концесии, преку поткуп на поединци, политичари и медиуми. Таа ја одработува валканата работа, за потоа да ги отстапи концесиите на поголем заднински играч, со катастрофални услови за нас;
5. Одлуката на Вишиот управен суд е коруптивна. Таму уште има инсталации на ДУИ/”Еколог”. Лани бурно и со протест предупредивме дека повлекувањето на Еколог од акционерската структура на Еуромакс е продавање ветер во магла, со цел да се избегне негативен одиум, но уште да се влијае на судот. Судот ја криел одлуката;
6. Владата/Министерството за рударство ја криеле судската пресуда уште од 06.05.2026. Потоа, “од никаде”, на дневен ред. Министерката за рударство е човек на рударското лоби. Одработува исклучиво за нивни интереси. Дали некој евентуално “наместил” некого?
7. ВМРО-ДПМНЕ на предизборни митинзи и во изјави на највисоки функционери, тврдеше дека рудник нема да има. Рудник Иловица-Штука нема ни во нивната програма. Кој е излажан?
Има уште многу.
Сè по ред ќе биде.
Ние не сме вложиле десет години од нашите животи, за сега тукутака да нè “скршите” со ујдурми. Ако мислите така, вие ништо не знаете.
Отстапете конечно.

