Универзитетот „Патрис Лумумба“ – симбол на антиколонијалната солидарност и образовната еманципација

Универзитетот за пријателство меѓу народите „Патрис Лумумба“ е основан на 5 февруари 1960 година во Москва како еден од клучните проекти на Советскиот Сојуз за поддршка на антиколонијалните движења ширум светот.

Веќе следната година, универзитетот го добива името на брутално убиениот лидер и херој на независноста на Конго, Патрис Лумумба, што претставувало јасен политички сигнал за поддршка на новоформираните држави од Глобалниот Југ.

Иако по распадот на СССР неговото име било отстрането од официјалниот назив на универзитетот, Владата на Руската Федерација во март 2023 година официјално го вратила името на Лумумба, обновувајќи го историскиот симбол на руско-африканското партнерство.

Главната цел на универзитетот била создавање нова интелигенција и стручни кадри во штотуку ослободените земји од Азија, Африка и Латинска Америка. Советскиот Сојуз на овие студенти им обезбедувал целосно бесплатно образование преку стипендии кои ги покривале трошоците за патување, сместување, здравствено осигурување и месечен паричен надоместок.

Предност при изборот имале младите од работничките и посиромашните општествени слоеви, кои поради расни, економски или колонијални бариери немале пристап до западниот образовен систем. На тој начин Москва директно го разградувала западниот монопол врз знаењето.

Образовната програма била строго приспособена на практичните потреби за развој на неразвиените држави, со акцент на дефицитарните професии. Сите странски студенти првата година ја поминувале на подготвителен факултет, изучувајќи го рускиот јазик, по што продолжувале со стручни студии по медицина, инженерство, земјоделство, природни науки, економија и право. Целта била дипломираните студенти да понудат конкретни решенија за изградба на инфраструктурата, здравствениот систем и економијата во своите татковини, без зависност од поранешните колонијални метрополи.

Од основањето до денес, на овој универзитет дипломирале повеќе од 80.000 странски државјани од над 170 земји. Многумина од нив по враќањето во своите држави станале министри, професори, истакнати лекари и инженери, а дел од нив ги извршувале и највисоките државни функции, како што се претседателот на Никарагва, Даниел Ортега, претседателот на Палестина, Махмуд Абас, и поранешниот претседател на Намибија, Хификепунје Похамба.

Преку овој универзитет, Советскиот Сојуз успешно изгради трајна глобална мрежа на влијателни сојузници и остави неизбришлива трага во процесот на деколонизацијата и образовната еманципација на Африка и на голем дел од светот.

Може да ве интересира