Како спомен-плочата на Гаврило Принцип стана роденденски подарок за Хитлер

Спомен-плочата на Гаврило Принцип, поставена во Сараево во спомен на Видовденскиот атентат од 1914 година, станала симболичен воен трофеј на нацистичка Германија. Кога трупите на Вермахтот во април 1941 година го окупирале Сараево, една од нивните први акции била отстранувањето на ова обележје од ѕидот кај Латинскиот мост. За Адолф Хитлер, тоа парче камен не било само локален споменик, туку симбол на почетокот на Првата светска војна и на поразот што го претрпела Германија, пораз за кој тој сакал да се одмазди.

Нацистичките офицери ја спакувале отстранетата плоча и ја испратиле директно во Германија како специјален подарок за 52. роденден на Хитлер, кој го прославувал на 20 април 1941 година. Историските документи и сведоштва потврдуваат дека подарокот му бил врачан во неговиот специјален воз „Америка“, кој во тој момент бил стациониран во југоисточниот дел на Австрија. Зачувана е и познатата фотографија на која водачот на Третиот Рајх со нескриено задоволство ја разгледува плочата, на која со кирилично писмо стоело дека на тоа место Гаврило Принцип „ја навести слободата“. Овој чин имал длабока пропагандна и лична симболика за германскиот диктатор.

Хитлер го сметал Сараевскиот атентат за директна причина за пропаста на Германското Царство и за личната траума што ја доживеал како војник во рововите на Западниот фронт. Пренесувањето на плочата во негова сопственост претставувало симболичен триумф над силите кои, според неговото гледиште, го свртеле текот на историјата против Германија, со што, во сопствените очи, го затворил кругот на историската неправда од 1918 година.

По роденденската прослава и фотографирањето, судбината на оригиналната сараевска плоча останала обвиена со мистерија. Според одделни историски извори, таа била пренесена во Воениот музеј во Берлин, но потоа ѝ се губи секоја трага за време на сојузничкото бомбардирање и падот на Берлин во 1945 година. До денес не е со сигурност утврдено дали била уништена во урнатините, сокриена во некој приватен бункер или однесена како советски воен плен, поради што и натаму претставува една од најголемите мистерии поврзани со балканската историја на Втората светска војна.

Интересно е што во времето на Кралството Југославија ниту една улица не била именувана по некој од припадниците на Млада Босна или по самата организација „Млада Босна“. Кога од Чехословачка биле пренесувани посмртните останки на Гаврило Принцип, Недељко Чабриновиќ и Трифко Грабеж, Чехословачка испратила висока државна делегација, додека од Владата на Кралството СХС во Белград не присуствувал ниту еден официјален претставник. Дури по 1945 година започнала систематска работа на објавување на документите, писмата и текстовите што ги оставиле зад себе припадниците на Млада Босна.

Може да ве интересира