Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, преку објава на социјалните мрежи, жестоко го критикуваше Предлог-ребалансот на Буџетот, оценувајќи дека наместо развојни политики, документот предвидува нови задолжувања, зголемени тековни расходи и средства кои, според него, се насочени кон политичко преживување на Владата. Тој тврди дека најголемиот дел од дополнителните средства се пренаменуваат за локални инфраструктурни проекти, кои ги оцени како непродуктивни и поврзани со политичка корупција, додека капиталните инвестиции и системските решенија остануваат во втор план.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
РЕБАЛАНС ЗА ПОЛИТИЧКО ПРЕЖИВУВАЊЕ СО ЈАВНИ ПАРИ!
Еве цел ден го гледам Предлог-ребалансот на Буџетот кој Министерството ни го пушти неделава, и не можам ништо да видам од „развој“ освен задолжувања и пуста надеж за ЕУ-фондови, кои, патем, да потсетам, условите што треба да се задоволат за нивно добивање македонскиот народ го чинат 10 пати повеќе од тоа што изнесува оваа „претпристапна помош“ на ЕУ.
Расходите одат до небо за разлика од приходите, а разликата се покрива со дефицит и задолжување. Притоа, погодете каде се случува најголемото додавање на пари… па, се разбира, за локални инфраструктурни проекти во општините, за оние де, патиштана од по 3-5 км кои за неполни две години стануваат со расцепотини на среден коловоз, за менување на сосема убави бекатонки на маалските плочници, кои од зелени оази ги претвораат во, чиниш, купатила! Притоа, сето тоа е тендерирано 2 до 3 пати повеќе од првичните проценки. Потоа, прокети за водоводи кои секоја година се прават, а никако да стапат во функција; пречистителни станици кои со децении се само проекти на хартија и слични глупости каде што на локално ниво се испумпуваат парите со цел политичка корупција на граѓанството.
Нормално, драстично се намалуваат приходите од акцизи, пошто Владата имаше „антикризни мерки“, нели, кои очигледно ќе ги платат граѓаните, а профитот на нафтените компании ќе остане ист или зголемен!
Ако половина од расходите што се зголемуваат се оние кои ги опишав погоре за „локални инфраструктурни проекти во општините“, кои Министерството ни ги сервира како „развојна“ страна, во другата половина од растот на расходите апла се гледа намерата за политичко преживување со јавни пари. Замислете, КОНЕЧНО (иншалла) ќе им ги исплатат субвенциите на земјоделците кои требаше да им ги дадат лани. И сета оваа потрошувачка е тековна (а не капитална), која создава трајни обврски, како плати, трансфери, субвенции, без притоа ни трунка да се секира за нови приходи – нормално, фундаменталната логика е да се купи „утре“ за да се помине „денес“, со надеж дека кога ќе дојде утре, некој друг ќе ја плаќа сметката, па затоа сега удри „јампала Гостивар“.
П.С. Главниот град уште долго ќе смрди на „шампон“ и нема да има функционален и редовен јавен превоз! Да се молиме да не снема вода летово, шахтите и онака се само во функција на лежечи полицајци по улиците.

