„Eден од најголемите светски трговски центри, град со преку два милиони жители како Јиву во покраината Џеџијанг, во југоисточна Кина, ги отвори своите порти и сака директно да соработува со Кавадарци“, напиша Круме Богевски, советник од Левица во Општина Кавадарци, на својот ФБ профил по враќање од форумот за соработката на Кина со земјите од Централна и Источна Европа, како дел од новиот петгодишен план организиран од Комунистичката партија на Кина.

Иницијативата за збратимување и економска соработка меѓу Јиву и Кавадарци потекнува и била предложена од Богевски. Јиву е најголемиот светски пазар за мали стоки и често е нарекуван „Светски супермаркет“. Поврзан е со значајни транспортни мрежи, вклучувајќи ги товарните возови кои директно ја поврзуваат Кина со Европа.
Побратимувањето на Кавадарци и Јиву, како што вели Богевски, би овозможило планиран пласман на тиквешкото вино и сите локални производи на пазар со незаситен капацитет. „Во ера на глобални тектонски промени, наша должност е да градиме директни партнерства со сите прогресивни економски центри во светот. Приоритетот е јасен: кршење на монополите на посредниците и отворање директен пат за тиквешкиот производ на пазар од огромни размери, каде вредноста ќе се враќа директно кај оној што ја создава – македонскиот работник и лозаропроизводител“- вели Богевски.
Според Богевски фокусот треба да биде насочен кон градење на локален економски суверенитет преку привлекување на капитални инвестиции, трансфер на напредна технологија и модернизација на производствените капацитети. Кинескиот модел на брз индустриски развој, паметно урбано планирање и супериорна дигитална логистика, според него, нуди клучни лекции кои Кавадарци треба ефикасно да ги примени во своите индустриски зони.

„Не смееме да дозволиме да бидеме само неми набљудувачи или пасивен пазар за туѓа стока. Инсистираме на рамноправна размена на знаење која ќе ги зајакне нашите капацитети, ќе ги отвори фабриките и ќе им овозможи на младите стручни кадри сопствената иднина да ја градат тука, со плодовите на својот труд“, заклучува Богевски.
На крај истакнува дека како Левица во Советот на Општина Кавадарци, бескомпромисно ќе се бори секој договор и секоја иницијатива со Јиву да бидат во служба на јавниот интерес и унапредувањето на заедничкиот општествен простор. „Меѓународната солидарност и соработка меѓу градовите имаат смисла само тогаш кога директно придонесуваат за подигнување на животниот стандард на народот, хуманизација на просторот и создавање на поправедна социјална средина. Интернационализмот на дело значи борба за силно, економски независно и напредно Кавадарци“, вели Богевски.

