Трајкова: Од „Божјиот комитет“ до веселата математика на македонските полубогови

Случајот со Онкологија покажува дека „Божјиот комитет“ во Сиетл од 1961 година е ситна боранија за нашите божества во 2026 година. Кога со 500 илјади евра ќе простиш криминал од 35 милиони евра, тоа не те прави само криминалец, туку математички неписмен криминалец.

А што сме тогаш ние што дозволуваме такви луѓе да ја водат државата?

Тука проблемот станува уште посериозен. Не само што државата е на автопилот, туку тој автопилот со децении се храни со погрешни информации. Во случајот со Онкологија сите се фокусирани на поединци. И треба да бидат. Но ако мислиме дека тие се главниот проблем, повторно ја промашуваме дијагнозата. Главниот монструм не се притворените. Тие се само симптом. Главниот монструм е коруптивниот ум што со години го произведува системот. Еден чуден хибрид составен од две компоненти: самопрогласено полубожество од една страна и математички дефициентен партиски ум од друга. Кога на тоа ќе се додадат гласачи кои ништо не гледаат, ништо не слушаат и немаат потреба ништо да кажат, добиваме политички екосистем што произведува афери како Онкологија со индустриска ефикасност.

И во целиот тој хаос, никој не ги поставува вистинските прашања.

  • Колку се следат несаканите ефекти од биолошките терапии?
  • Колку од тие податоци навремено се пријавуваат во МАЛМЕД?
  • Кој ги анализира?
  • Кој ја контролира фармаковигиланцата?
  • Кој ги следи клиничките студии?
  • И најважно – кој воопшто има капацитет да ги обработи тие податоци кога системот со години не гради доверливи бази, туку политички филтрирани извештаи?

Како може судот да одлучува врз основа на изјавата на мајка на пациент која со доктор дебатира кој лек треба да се даде и во која доза, па врз основа на тоа да се носат заклучоци за квалитетот на лекувањето? Другиот сведок кој се изземал од обвинението пак изјавил дека неговата мајка нема забелешки на лекувањето. Како пациент може да знае дали е правилно лекувањето? За просечниот пациент доволно е докторот да биде убедлив и љубезен. Никогаш нема да знае дали состојбата му се влошува поради болеста или поради терапијата.

Истата приказна ја гледавме и во случајот со Жан Митрев. Наместо сериозна дебата за медицинска етика, експериментални третмани, права на пациенти и научни стандарди, добивме политички циркус.

Секое чудо за три дена.

Дури неодамна во провладини емисии повторно се туркаше наратив дека сè било политичка пресметка и дека целата афера била обид за преземање на болница.

Овие други пак, опортунистички, во духот на својот поранешен лидер. Кај него алгебрата не беше толку лоша – едно евро за Вицето, едно евро за црквата. Гометријата беше послаба страна. Вертикалното и хоризонталното тешко се разликуваат кога човек предолго гледа само во парите. Па нормално, кога гледаат дека математиката функционира како политички модел, си рекле луѓето да пробаат и тие со некоја формула да ќарат болница плус.

Првиве, бидејќи веќе утврдивме дека математиката и образованието не им се најсилна страна, како некој ,,винички трговец” 35 милиони евра ги продаваат за 500 илјади евра. И притоа ни до ум не им доаѓа дека во некои случаи таа весела математика се плаќа со човечки животи. Ја сечат гранката на која седат, ама толку им држи аритметиката.

Во меѓувреме и здравствениот систем има своја тивка ерозија. Специјализацијата по јавно здравје и епидемиологија, наместо да биде прва линија на одбрана на „јавното здравје“, кај нас често се претвора во форма на професија од типот „клати врата, земај плата“, без реална тежина во креирање политики, без научна продукција и без вистински институционален авторитет.

Затоа не е доволно да одговара само докторот. Не е доволно да одговара само директорот. Не е доволно да одговара само службеникот. Прво треба да одговара власта што го создала амбиентот. Потоа тие што го одржувале. Па дури потоа последната алка од синџирот. Затоа што додека ние упорно го бараме виновникот во последниот вагон, локомотивата со децении вози во погрешна насока.

Во Сиетл барем сфатиле дека одлучувањето за човечки животи бара понизност.

Кај нас сè уште сме заглавени во фазата кога локалните полубогови мислат дека правдата се дели по желба, а државата е нивна приватна клиника.

  • Љупка Трајкова

Може да ве интересира