Огнената стихија ја пустоши Далмација: Активни пожари на Хвар, кај Шибеник и крај границата со Црна Гора

Далмација се соочува со сериозен бран шумски пожари кои во изминатите денови зафатија повеќе подрачја долж хрватското крајбрежје. Огнената стихија се шири поттикната од високите температури, сувото време и силниот ветер, а пожарникарските екипи водат интензивна борба за да ги стават пожарите под контрола.

На островот Хвар, во близина на местото Света Недела, пожарот зафатил околу десет хектари борова шума и делови од лозови насади. Во акцијата за гаснење биле ангажирани околу 50 пожарникари со 15 противпожарни возила, додека од воздух интервенирале пет канадери. Огнот во еден момент се доближил до населените објекти, но благодарение на брзата реакција на службите, куќите биле успешно заштитени.

Тешка е состојбата и во околината на Шибеник, каде пожарот во Дубрава и индустриската зона Поди зафатил околу 100 хектари трева, ниска вегетација и борова шума. На терен дејствуваат повеќе од 70 пожарникари со 24 возила, а во гаснењето учествуваат и четири канадери. Според информациите од надлежните служби, спасена е најмалку една куќа која била директно загрозена од пламените јазици.

Пожари се регистрирани и во Паркот на природата Телашчица, каде огнот гори во увалата Јаз и локалитетот Мала Проверса. Во интервенциите се вклучени и противпожарни авиони, додека пожари во текот на денот биле забележани и на подрачјата Билице и Чиово.

Посебна загриженост предизвикува пожарот кај Плат, како и оној во близина на хрватско-црногорската граница. Според хрватските власти, пожарот избувнал на територијата на Црна Гора по удар од гром, а потоа делумно се проширил и на хрватска територија. Поради непристапниот терен, екипите внимателно ја следат состојбата и преземаат мерки за спречување на понатамошно ширење на огнот.

Надлежните служби предупредуваат дека екстремно високите температури и сувите временски услови значително го зголемуваат ризикот од нови пожари, поради што апелираат до граѓаните на максимална претпазливост.

Може да ве интересира