Богевски од Кина: Македонските општини да учат од кинеската модернизација и долгорочното планирање

Круме Богевски, преку објава на социјалните мрежи, информираше дека учествувал на средба на млади лидери од Централна и Источна Европа и Кина, која се одржала во Вухан по покана на Комунистичката партија на Кина.

Во своето обраќање на пленарната сесија, Богевски истакнал дека младите треба да бидат двигатели на општествените промени, а не само набљудувачи на процесите. Тој посочил дека е неопходна борба против корупцијата на локално ниво, поголема поддршка за универзитетите и напуштање на пристапот во кој јавните добра се третираат исклучиво како предмет на пазарни трансакции.

Тој нагласил дека искуствата од кинеската модернизација и социјалистичкото управување можат да послужат како пример за изградба на поефикасни институции, во кои солидарноста ќе биде поважна од клиентелизмот. Според него, ваквите практики треба да се применат и во локалното управување во Македонија.

Богевски се заложил за долгорочно планирање на јавната инфраструктура, наведувајќи примери како општински соларни кооперативи и современи јавни здравствени установи. Воедно, ги повикал младите од другите градови и институции да ги применуваат стратегиите за развој и мобилизација на ресурсите со цел создавање конкретни јавни добра во интерес на граѓаните.