(Видео) Прославата на ирански репрезентативец кој даде гол, па „пукаше“ со пиштол предизвика бурни реакции во САД по ремито со Нов Зеланд

Фудбалската репрезентација на Иран одигра нерешено 2-2 против Нов Зеланд во натпревар кој привлече големо внимание не само поради случувањата на теренот, туку и поради актуелните политички и безбедносни тензии меѓу Иран и САД, домаќинот на Светското првенство.

Во центарот на вниманието по натпреварот се најде иранскиот репрезентативец Мохамед Мохеби, кој во 64. минута го постигна израмнувачкиот погодок за својата селекција. При прославата на голот, Мохеби истрча кон трибините и во еден момент гестикулираше како да пука со огнено оружје, што предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.

Дел од корисниците остро го осудија неговиот потег. „Одвратно. Тоа не е прослава, туку директна закана“, напиша еден коментатор, додека друг додаде: „Ете што се случува кога ќе пуштите терористи внатре“.

Сепак, имаше и поинакви толкувања на ситуацијата. „Не гледам ништо спорно во тоа. Ако истото го направеше која било друга репрезентација, немаше да се крене толкава прашина“, напиша друг корисник на социјалните мрежи. Меѓу реакциите имаше и повици за санкции кон иранските фудбалери.

Поради безбедносната состојба и актуелните тензии, иранската репрезентација не престојува на територијата на САД. По завршувањето на натпреварот, фудбалерите веднаш се вратија во својата база во мексиканскиот град Тихуана.

Може да ве интересира