Со повеќе активности, библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид го одбележа раѓањето на поетот Ванчо Николески, роден на 10 јуни 1912 година во селото Црвена Вода.
По тој повод, библиотекарите Бети Лазоска-Симоноска, Коста Трифуноски и Милчо Јованоски одржаа средба со учениците од ООУ „Ванчо Николески“ во охридското село Лескоец, на кои им презентираа интересни факти поврзани со животот и делото на патронот на нивното училиште.
– Во годината кога се одбележуваат 80 години од излегувањето од печат на првата стихозбирка за деца на македонски јазик „Македонче“, чиј автор е токму Николески, таа им беше претставена на учениците. Ова издание претставува прва дигитализирана книга во новото одделение за дигитализација на нашата установа – велат од библиотеката.
Стихозбирката „Македонче“, чиј издавач е Државното книгоиздателство на Македонија, објавена е во 1946 година, а отпечатена е во првата официјална македонска печатница „Гоце Делчев“ во Скопје. Насловната страница на книгата и цртежите во боја се дело на уметникот Василије Поповиќ-Цицо.
Во рамките на средбата учениците имаа можност да го слушнат и аудиозаписот на поемата „Мице“ од Николески во интерпретација на Сузана Стојкоска.
Ванчо Николески е претставник на првата повоена генерација писатели. Првите поетски дела ги објавил во списанието „Титов пионер“. Уште од младоста пишувал поезија за деца, а во периодот од 1945 до 1960 година важел за еден од најприсутните автори во македонската литература за млади. Темите на детството и животот на децата биле централни во неговото творештво. Неговите песни и раскази се застапени во детски списанија, читанки и антологии на македонската литература за деца. Зад себе оставил голем број литературни дела за деца со кои растеа и растат многу генерации. Тука ќе ги споменеме „Мице“, „Гоце Делчев“, „Мое село“, „Волшебното самарче“ и многу други.
Член на Друштвото на писателите на Македонија станал во 1950 година, а добитник е на повеќе значајни награди и признанија, меѓу кои „Климент Охридски“, „Младо поколение“, „Курирче“, „11 Октомври“, „Змаева награда“ и други. Починал на 15 април 1980 година во Охрид. Во негова чест Друштвото на писателите на Македонија ја доделува годишната награда „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца.

