Во град кој секое лето се претвора во бетонска печка, каде температурите редовно надминуваат 40 степени, аква паркот во Скопје веќе три години постои само како ветување. Она што требаше да биде едно од ретките места за рекреација и разладување на граѓаните, стана симбол на неспособноста институциите да реализираат проект кој одамна е изграден и треба да биде во функција.
Особено иритира фактот што директорот, Данијел Апостоловски, со години наназад најавува отворање, секогаш „следното лето“, „за неколку месеци“, „наредната сезона“. Додека изјавите се множат, резултатите изостануваат. Наместо отчетност за тоа зошто аква паркот не работи, добиваме нови рокови и нови оправдувања.
Проблемот е уште поголем ако се погледне пошироката слика. Езерото Треска, некогаш омилено скопско излетничко место, е оставено да пропаѓа (иако еден градоначалник ветуваше негова ревитализација). За базенот во истиот спортски центар „Борис Трајковски“ е најавено дополнително затворање заради санација. Наместо главниот град да располага со повеќе содржини за спорт, рекреација и разладување, една по една се губат и постојните.
Од друга страна, дури 48% од Македонците не можат да си дозволат летување од една недела, според податоците на Евростат. Тоа значи дека одреден дел од скопјаните би останале без никакви активности за рекреација во текот на летната сезона. На граѓаните им се нуди апсурдно решение: ако сакаат аква парк, нека патуваат до Пробиштип, кој по големината единствено соодветствува на скопскиот. Но, прашањето е зошто некој од Скопје би патувал час и половина во еден правец за да користи содржина која веќе постои на петнаесет минути од неговиот дом? Зошто скопјани да бидат туристи во сопствената држава за да добијат услуга која веќе постои?
Скопјани не бараат мегапроекти, туку тоа што веќе е изградено да функционира. Бараат Треска да не биде руина, базените да бидат безбедни, а аква паркот конечно да ги отвори вратите. По три години најави, и пред почеток на летото, на граѓаните им е потребен датум за отворање што ќе биде испочитуван, реагираат од Левица.

