Радикална Левица од Србија: По протестот против фабриката на „Елбит“ насилно приведени 13 активисти, меѓу нив и раководни членови на партијата

Српската Партија Радикална Левица (ПРЛ) соопшти дека по вчерашниот протест во поддршка на палестинскиот народ и против изградбата на фабрика за беспилотни летала на израелската компанија „Елбит“, биле приведени 13 активисти, меѓу кои и повеќе членови и функционери на партијата и на Работничка омладина.

Од ПРЛ тврдат дека полицијата од самиот почеток на протестот се обидувала да предизвика инциденти, да ги заплашува учесниците и да спроведе приведувања врз основа на, како што наведуваат, неосновани обвинувања.

Според партијата, меѓу приведените биле генералниот секретар Иван Златиќ, секретарот за медиуми Александар Стојецки, како и повеќе членови на ПРЛ и Работничка омладина. Во соопштението се наведува дека Златиќ и Стојецки се здобиле со повреди при приведувањето и поради тоа биле пренесени во Ургентниот центар.

Партијата тврди дека за време на собирот полицијата легитимирала и претресувала учесници, а по завршувањето на протестот продолжила да ги следи демонстрантите кои се разотидувале.

Од ПРЛ додаваат дека на крајот биле приведени вкупно 13 лица, кои биле ослободени во текот на ноќта, а последните од нив биле пуштени по еден часот по полноќ.

Во својата реакција партијата остро ги критикува односите меѓу Србија, Израел и НАТО, оценувајќи дека државните институции се користат за задушување на отпорот кон воената индустрија.

Партијата порачува дека, според нив, приведувањата и полицискиот притисок нема да го запрат отпорот против, како што велат, „НАТО империјалистичките структури“, ниту поддршката за палестинскиот народ.