Крмов: Власта ги уништува малите земјоделци за да ги помогне големите!

На собраниската расправа за интерпелацијата на министерот за земјоделие Цветан Трипуновски, пратеникот на Левица Борислав Крмов оцени дека по речиси две години мандат, Владата не само што не ги решила клучните проблеми во земјоделството, туку состојбата дополнително се влошила.

Според Крмов, најголемиот проблем не се аферите, ниту блокираните европски фондови, туку фактот што Македонија постепено го губи сопственото производство на храна.

Пратеникот потсети дека пред да стане министер, Трипуновски јавно зборуваше за неоткупениот ориз, намалениот сточен фонд и доцнењето на субвенциите. Денес, рече Крмов, речиси сите тие проблеми остануваат, а дел од нив се и продлабочени.

Во регионите каде се произведува ориз земјоделците и понатаму се соочуваат со ниски откупни цени кои не ги покриваат ниту основните производствени трошоци. Наместо развој и сигурност, производителите се принудени да продаваат под реалната вредност на својот труд, додека државата не нуди системско решение за нивните проблеми.

Особено загрижувачка е состојбата во сточарството. Бројот на овци, говеда и производството на млеко континуирано опаѓа, а сè повеќе фармери се откажуваат од дејноста бидејќи не можат да обезбедат одржлива заработка.

Крмов посочи и на огромната разлика меѓу откупните и малопродажните цени на млекото. Додека производителите добиваат минимални средства за својот производ, граѓаните плаќаат сè повисоки цени во маркетите.

Најголем товар врз земјоделците претставуваат неисплатените субвенции и намалената финансиска поддршка.

Дополнително, Владата ги зголемува критериумите за добивање субвенции, што директно ги погодува малите производители. Повисоки прагови за добивање субвенции за овоштарите и лозарите. Построги услови за сточарите и пчеларите. Намалување на дел од субвенциите и ограничување на пристапот до државна поддршка.

Крмов кажа дека зад овие мерки стои јасна политичка определба, наместо да се помогне на малиот земјоделец, државата создава услови за дополнително окрупнување на производството и концентрација на земјоделското земјиште и профитот кај мал број големи стопанства.

Тој оцени дека Владата ги покрива сопствените буџетски неуспеси преку кратење на средства за најранливите категории граѓани, меѓу кои се и индивидуалните земјоделци.

Во услови кога Македонија има плодна земја, поволна клима и долга земјоделска традиција, земјата станува сè позависна од увоз на храна, додека домашното производство опаѓа. Наместо младите да гледаат перспектива во земјоделството, сè повеќе семејства се принудени да ги напуштаат нивите и фармите во потрага по друга работа или егзистенција надвор од државата.

Неопходна е целосна промена на земјоделските политики, навремена исплата на субвенциите, гарантиран откуп, заштита на домашното производство и посебна поддршка за малите и средните производители, кои денес го носат најголемиот товар од кризата.

Може да ве интересира