Исмаил: Земјоделството бележи пад – сѐ помалку земјоделци и производство, а сѐ повеќе советници на министерот

Пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, на вчерашната собраниска расправа за интерпелацијата на министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, оцени дека македонското земјоделство се соочува со сериозен пад на производството и бројот на земјоделци, и покрај тоа што државата со години издвојува значителни средства за субвенции и поддршка на секторот.

Во своето излагање, Исмаил го постави прашањето за ефикасноста на досегашните политики во земјоделството и побара одговорност за, како што рече, сè полошите резултати во една од најважните стопански гранки во државата.

Според него, и покрај големите финансиски вложувања во земјоделството, бројките покажуваат континуирано намалување на производството и сточниот фонд.

Тој упати критики и кон организацијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, оценувајќи дека институцијата е преоптоварена со административен кадар и раководни позиции, додека контролата на терен е недоволна.

Според него, и покрај обемната администрација, институциите не успеваат ефикасно да ги контролираат корисниците на субвенции и да утврдат дали средствата завршуваат кај вистинските производители.

Исмаил оцени дека наместо да се вложува во реална поддршка на производството и контрола на системот, државата создава сè поголем административен апарат, додека земјоделските показатели продолжуваат да се влошуваат.

Неговото обраќање беше дел од расправата по интерпелацијата на министерот Цветан Трипуновски, иницирана поради состојбите во земјоделскиот сектор и работењето на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Може да ве интересира