ЕУ го стопираше бугарскиот предлог за евро-монета посветена на кирилицата, која требаше да биде претставена како „бугарска“ азбука

Првата бугарска комеморативна монета од две евра, која требаше да го одбележи влезот на Бугарија во еврозоната, е блокирана поради приговор од земја-членка на Европската Унија. Спорот се однесува на дизајнот на монетата посветена на кирилицата, а идентитетот на државата што го поднела приговорот засега не е познат.

Според достапните информации, бугарските власти предложиле монета која ја нагласува кирилицата како „бугарска азбука“, со што сакале да ја истакнат историската улога на Бугарија во развојот и ширењето на писмото. Токму оваа формулација, според дел од медиумските извештаи и анализи, можеби била причина за оспорувањето на предлогот.

Случајот привлече внимание откако Советот на Европската Унија одби да открие која земја-членка го поднела приговорот, како и кои се конкретните забелешки на предложениот дизајн. Од институцијата посочиле дека станува збор за чувствителна процедура и дека објавувањето на деталите би можело да влијае врз процесот на донесување одлука.

Информациите за блокадата во јавноста ги објави холандскиот аналитичар и консултант Рајниер Јарсма, кој на социјалната мрежа Икс наведе дека една членка на ЕУ официјално се спротивставила на бугарскиот предлог. Тој објави и документи за кои тврди дека покажуваат оти постапката за одобрување на монетата е запрена уште кон крајот на мај.

Во меѓувреме, во јавноста се појавија шпекулации дека спорот би можел да биде поврзан со долгогодишните историски и идентитетски несогласувања меѓу Македонија и Бугарија околу потеклото и наследството на кирилицата.

Бугарија со години ја промовира тезата дека современата кирилица се развила во рамките на Првото бугарско царство и Преславската книжевна школа, претставувајќи ја како значаен бугарски придонес во европската култура и цивилизација.

Во Македонија, пак, кирилицата се смета за дел од националниот идентитет и словенското културно наследство, а македонскиот јазик и кирилското писмо се утврдени како официјален јазик и писмо со Уставот на државата.

Поради поднесениот приговор, предложениот дизајн не добил зелено светло од институциите на ЕУ. Бугарските власти сега имаат можност да постигнат компромис со земјата што го оспорила предлогот, да направат измени во постојниот дизајн или да предложат целосно ново решение.

Бугарија официјално го воведе еврото на 1 јануари 2026 година, со што стана 21. членка на еврозоната.

Може да ве интересира