Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, обвини дека Министерството за енергетика не му доставило копија од Меморандумот за соработка во енергетиката што министерката Сања Божиновска го потпишала во Вашингтон во април годинава, и покрај тоа што документот бил побаран преку писмено пратеничко прашање.
Според Исмаил, наместо увид во содржината на меморандумот, од Министерството добил одговор со, како што наведува, „нејасни формулации за можни ограничувања, меѓународни обврски и заштита на информации“.
„Како што може да се види од одговорот, министерката практично вели дека допрва ќе утврдува дали веќе потпишан и заверен документ има карактер на доверлив документ или не“, наведува пратеникот во објава на социјалните мрежи.
Тој смета дека доколку документот е во интерес на државата и граѓаните, нема причина истиот да не биде јавно достапен. Воедно, отвора прашања за евентуалниот статус на меморандумот и законската основа доколку делови од него се третираат како доверливи информации.
„Ако постојат информации кои не смеат да бидат достапни за јавноста, тогаш природно се поставува прашањето: по кој законски основ е тоа така?“, прашува Исмаил.
Во својата реакција тој се осврнува и на двојното државјанство на министерката Божиновска, посочувајќи дека тоа отвора дилеми околу можноста за добивање безбедносен сертификат за пристап до евентуално класифицирани информации.
„Ако не постои можност за поседување таков сертификат, тогаш се поставува прашањето како е возможен пристап до евентуално доверливи документи, а уште повеќе и нивно потпишување“, наведува пратеникот.
Исмаил изразува сомнеж и за можната содржина на меморандумот, поврзувајќи го со регионалните енергетски проекти и прашува дали зад документот стојат пошироки геополитички и економски договори.
„Дали овој меморандум е обичен политички документ или зад затворени врати се договараат геополитички и енергетски аранжмани кои Македонија ја претвораат во транзитна територија за туѓи интереси?“, прашува тој.
Пратеникот потсетува и на претходно објавените информации од АД ЕСМ за поднесена кривична пријава против поранешни членови на управни и надзорни органи во компанијата, поврзана со одлуки за закуп на капацитети во терминалот за течен природен гас во Александрополис. Според него, досега нема информации за постапување од страна на обвинителството по тој случај.
„Сосема легитимно се поставува прашањето дали евентуално се прикриваат или релативизираат случаи што би можеле да им наштетат на геополитичките и економските интереси на странски држави и нивните компании во регионот“, наведува Исмаил.
На крајот од својата објава, пратеникот упати директен повик до министерката за енергетика.
„Министерке, ако нема ништо спорно, објавете го Меморандумот“, порача Исмаил на крај.

