Инженери на РМ поднесоа иницијатива до Уставниот суд за спорен член од Правилата за снабдување со електрична енергија со кој ЕВН може да наплаќа сметки на паушална основа

Здружението „Инженери на Република Македонија“ поднесе иницијатива до Уставниот суд со која бара оценка на уставноста и законитоста на член 32 од Правилата за снабдување со електрична енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во мај годинава.

Според иницијативата, оспорениот член не е во согласност со член 185 став 2 од Законот за енергетика, како и со повеќе одредби од Уставот кои се однесуваат на владеењето на правото, заштитата на сопственоста и усогласеноста на прописите со законите.

Од здружението тврдат дека РКЕ преку подзаконски акт вовела нов правен поим, „неотчитување на мерните уреди“, кој воопшто не е предвиден во Законот за енергетика. Според нив, законот дозволува фактурирање врз основа на претпоставена потрошувачка само кога „не е извршено мерење“ на потрошената електрична енергија, додека Правилата го прошируваат овој исклучок и на случаи на „неотчитување“.

Во иницијативата се нагласува дека мерењето и отчитувањето не се исти технички и правни категории. Како што наведуваат инженерите, можно е мерењето на потрошувачката да биде целосно извршено и податоците да постојат во мерниот уред, но тие да не бидат преземени од операторот поради административни или технички причини. Во такви случаи, според нивното толкување, не се исполнети законските услови за примена на проценето фактурирање.

Здружението предупредува дека со ваквото решение се создава правна нејасност и се отвора можност граѓаните да добиваат сметки врз основа на проценета, наместо реално измерена потрошувачка. Во иницијативата се посочува и пример од 2025 година, кога голем број домаќинства добиле фактури со ознаката „М“, односно врз основа на претпоставена потрошувачка, по што при дополнителните корекции дел од потрошувачката бил пресметан во повисоки тарифни блокови.

Од „Инженери на Република Македонија“ наведуваат дека уште во фазата на подготовка на Правилата доставиле писмени забелешки до РКЕ, барајќи терминологијата целосно да се усогласи со Законот за енергетика или јасно да се дефинираат поимите „мерење“ и „отчитување“. Според нив, ниту еден од тие предлози не бил прифатен.

Со иницијативата, здружението бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 32, привремено да го запре неговото спроведување до донесување конечна одлука и на крајот да го укине или поништи како несогласен со Уставот и Законот за енергетика.

Може да ве интересира