Блискиот Исток повторно во оган: САД извршија напади врз Иран, Техеран возвраќа

Силни експлозии се регистрирани на неколку стратешки локации долж еден од најчувствителните поморски премини во светот, Ормускиот теснец. Иранските државни медиуми јавуваат за инциденти на островот Кешм, во градот Бандар Абас и во округот Џаск, области кои имаат клучно воено и стратешко значење за иранската одбрана и поморска инфраструктура.

Според истите извори, експлозиите се случиле во текот на ноќта, а трите локации се сметаат за дел од поширокиот безбедносен појас околу Ормускиот теснец, низ кој минува значаен дел од глобалниот извоз на нафта и гас.

Иранските државни медиуми тврдат дека во одделен напад врз градот Сирик биле уништени две постројки за десалинизација и главен резервоар за вода, што, како што наведуваат, предизвикало сериозни прекини во снабдувањето со вода за пиење.

Од американската војска засега нема официјална потврда за овие тврдења. Претходно, ваквите напади во регионот биле поврзувани со таргетирање на комуникациска и воена инфраструктура во близина на Ормускиот теснец.

Иранските државни медиуми објавија и видеа за кои тврдат дека прикажуваат лансирање ракети и дронови во рамки на ноќни напади врз американски воени позиции на Блискиот Исток.

Според соопштение на Иранската револуционерна гарда, целите биле бази на САД во Јордан, Кувајт и Бахреин. Техеран тврди дека нападите се одговор на претходни американски воени дејствија.

Американски официјален претставник, цитиран од „Ројтерс“, изјави дека речиси сите ракети и беспилотни летала биле пресретнати и дека нема значајна штета или жртви во базите.

Во услови на нова ескалација, Иран најави дека повторно го разгледува продолжувањето на преговорите со САД. Портпарол на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека „дипломатскиот процес не може да се одвива во услови на постојани воени напади“.

Тој ги обвини САД и Израел за кршење на примирјето и предупреди дека тековната ескалација ја доведува во прашање иднината на преговорите.

Неколку земји од регионот остро реагираа на иранските одмазднички напади. Министерството за надворешни работи на Египет ги осуди нападите врз Јордан, Бахреин и Кувајт, оценувајќи ги како сериозно нарушување на суверенитетот и регионалната стабилност.

Силна осуда пристигна и од Обединетите Арапски Емирати, кои ги оценија нападите како неприфатлива ескалација и изразија солидарност со погодените држави.

Во посебен инцидент, вооружени лица отвориле оган врз товарен брод во Аденскиот Залив, во близина на Јемен. Според извештаите, мал чамец со шест вооружени лица се приближил до бродот, по што дошло до размена на оган со обезбедувањето на пловилото.

Нападот се случил во близина на стратешки важниот премин Баб ел-Мандеб, една од клучните поморски точки што го поврзува Индискиот Океан со Црвеното Море.

Ситуацијата во поширокиот регион останува високо напната, со повеќекратни воени инциденти, меѓусебни обвинувања и сè понеизвесна дипломатска перспектива меѓу Техеран и Вашингтон

Може да ве интересира