Синдикатот на УПОЗ жестоко реагираше на предлог-законите за судска служба и јавнообвинителска служба кои се доставени во Собранието, оценувајќи дека нивната содржина значително отстапува од решенијата што биле усогласувани повеќе од две години со претставниците на синдикатите.
Од Синдикатот на УПОЗ велат дека законските текстови биле испратени во законодавниот дом без согласност на синдикатот и спротивно на верзиите кои биле заеднички подготвувани и претходно објавени на системот ЕНЕР.
Според синдикатот, наместо да се понудат подобри услови и повисоки примања за вработените во судовите и јавните обвинителства, предложените решенија не носат суштински подобрувања и ги оставаат платите на сегашното ниво.
„Џабе две и пол години работа, состаноци и усогласувања, ако на крај во Собранието се достават текстови на закони кои немаат никаква врска со она што беше договорено“, реагираат од УПОЗ.
Оттаму прашуваат која била целта на долгогодишниот процес на усогласување доколку договорените решенија не се почитуваат во финалната верзија на законите.
Синдикатот нагласува дека нема да даде поддршка на законски решенија кои, како што наведуваат, се носат без вистински социјален дијалог и без вклучување на претставниците на вработените.
Од УПОЗ предупредуваат дека доколку предложените закони продолжат низ собраниската процедура во сегашната форма, можно е дополнително зголемување на незадоволството кај вработените во судската и јавнообвинителската служба.
„Доколку овие закони продолжат во собраниска постапка, незадоволството во судовите и јавните обвинителства ќе биде огромно, а одговорноста за последиците ќе ја сносат оние што одлучиле да ги игнорираат ставовите на вработените“, порачуваат од Синдикатот на УПОЗ.

