Мицков: Пародија на културата или личните интереси и анимозитети на сивите амеби

  • Став на Тања Мицков

Во Македонија ништо не се менува побрзо од опозиционерските ставови кога ќе седнат во министерска фотелја. До вчера „системот“, таа топка што наизменично си ја подаваат едните на другите, беше виновен за сè. Денес, ете, виновни се актерите. До вчера културата беше столб на општеството. Денес, според новите сметководители на духот, е буџетски проблем. До вчера се бараа повеќе вложувања. Денес ќе броиме глави по ансамбли како да броиме вреќи компири во земјоделски комбинат. Иако, ако сме искрени, и комбинатите успеавте да ги уништите. Но, тоа е друга тема.

Министерот ни соопшти дека во театрите имало превработеност. Имало институции со по 70-80 актери, а реално можеле да работат со 15. Каде се тие 70-80 освен во една институција, не знам, но добро.

Ајде тогаш да поставиме неколку едноставни прашања, за народот да разбере. Кој ги произведува тие актери? Шумата? Планината? Одгледувачите на печурки? Или државата што секоја година преку еден државен и два приватни факултети произведува нови генерации дипломирани актери? Буквално секоја година. Без исклучок. Немаме нулта година. Немаме уписи на секоја четврта година. Немаме пауза додека пазарот покаже потреба. 

Тогаш зошто се произведува кадар за кој државата однапред знае дека нема каде да работи? Или тоа повторно е туѓ ресор? Повторно нечија туѓа вина? Повторно топката ќе кружи меѓу институциите додека никој не преземе одговорност?

 Ако реално нема потреба од тие луѓе, зошто ги школувате? 

Каде треба да работат? Во кафулиња?

Ако има потреба, тогаш зошто ги прогласувате за вишок?

 Не може и двете, „јунаци”. 

Освен ако не живееме во држава каде левата рака не знае што прави десната, а и двете земаат плата од буџетот.

Но ајде уште подлабоко. Ако театрите се преполни со актери, тогаш кој носи надворешни луѓе во претставите? 

Кој ангажира веќе вработени актери од други институции? 

Кој склучува договори на дело?

Кој прави подели во кои половина од екипата не е од ансамблот? 

Кој одобрува програма во која сопствениот ансамбл седи на клупа, а се плаќаат надворешни ангажмани? 

Чистачката? 

Портирот? 

Билетопродавачот? 

Или сепак директорите и самопрогласените менаџерски генијалци? 

Да имаш ансамбл и да не го користиш, не ќе да е проблемот во ансамблот. Проблемот е оној што зема плата да управува со него. Под услов навистина тој да управува, а не некој друг од сенка.

Ако актер со месеци е оставен без улога, а ти носиш надворешни луѓе, немаш проблем со бројот на актери. Имаш проблем со бројот на промашени одлуки. Всушност, тука е и суштината. 

Ако актерите се вишок, зошто ангажирате надворешни? 

Ако ансамблите се преголеми, зошто ги заобиколувате? 

Ако нема работа за нив, зошто државата секоја година произведува нови? 

Најлесно е вината да се префрли врз уметниците. Тоа бирократијата отсекогаш го правела најдобро. 

Кога нема развој во институција, виновен е актерот? 

Кога нема репертоарска политика, виновен е актерот? 

Кога нема квалитет на репертоар, виновен е актерот? 

Кога нема културна стратегија, виновен е актерот?

 Само кога има фотелја никогаш не е виновен функционерот.

Слушам приказни за „превработеност“, додека истите тие институции кубурат со продукција, репертоарска политика и стратегија. Затоа да бидеме искрени. Можеби има вишок управувачи што никогаш не создале култура, а најверојатно цел живот сакале да управуваат со неа. Кажете ни,” јунаци”: Колку од тие што денес држат лекции за рационализација вчера земаа хонорари и плати од истиот тој систем? Колку улоги добиваа? Колку врати им беа отворени?

И колку брзо човек заборава што зборувал кога од другата страна на бирото ќе го дочека министерската или функционерската фотелја?

Зошто пред да се огледувате во туѓи модели и реформи на системот во културата, прво не ја извадите истата од тоа мочуриште на политикантство во коешто со децении ја гушите и во кое ја давите целата култура три децении? Создадете услови за стручност, наместо партиска (не)подобност и лични-пријателски взаемно – доходни релации. Нека експертски наместо партиски се зборува кој е „подобен” уметнички, зошто „не игра” во претстава или по нечива пиперевка.

Пуштете институциите да ги водат луѓе што знаат што е култура, а не што е партиска директива. Знам дека има и такви. И дури тогаш зборувајте за реформи.

Народот не рекол „кога опинок ќе се покондурчи“ затоа што имал нешто против опинокот. Се кажува така затоа што, особено во тукашните простори, се знае дека најопасен е човекот што ќе ја заборави калта од која излегол веднаш штом ќе добие фотелја, и со таа кал „мава ли, мава” кај ќе стигне и наместо да поправа ситуација, ја дозаглавува во уште подлабоко блато.

Народот за таквите одамна има дијагноза и таа „ама ич” не е политичка. „Не е” кадровска. „Не е” идеолошка. Едноставно, народска е и се вика „Кога опинок ќе се покондурчи.“, затоа што нели  секогаш народот е „крив”, а во случајов ете актерот е „крив”, никако функционерот.

Додека се поставува прашањето „Кој е крив и за што е крив?” и нема ништо повеќе од потсвесното повторување на една иста мантра „А чиј е ?” и „Многу прашува, тргај таму” ниту култура, ниту уметност ќе се промовира, туку лични интереси или анимозитети на сивите абдали, парод – кардинали.