Политичката партија Левица реагира по сведоштвата на граѓани за наводна незаконска наплата за влез на локалитетот Куклица кај Кратово, оценувајќи дека еден од најпознатите природни феномени во Македонија со години е оставен на „самоволие, узурпација и институционална негрижа“.
Од партијата посочуваат дека локалитетот, познат како „Камените кукли“, е заштитена природна реткост и значаен дел од македонското природно наследство, но и покрај претходните кривични пријави и реакции од граѓани, практиката на нелегална наплата продолжува.
„За локалитетот и претходно има поднесени кривични пријави и реакции од граѓани, но нелегалната наплата за влез продолжува непречено. Доколку е точно дека дури ниту полицијата не успева да стави крај на ваквата практика, тогаш проблемот одамна престанал да биде локален инцидент и прераснал во симбол на нефункционалноста на државата“, наведуваат од Левица.
Оттаму потсетуваат дека Куклица не е обичен туристички локалитет, туку редок геолошки феномен со повеќе од 120 природно формирани камени столбови, кој со децении се промовира како една од најпрепознатливите природни знаменитости во земјата.
„Прашање е како е можно властите да не можат да воспостават ред на сопственото заштитено подрачје. Ако за еден локалитет од вакво значење институциите со години не можат да обезбедат законитост, тогаш каква порака испраќаме за заштитата на културното и природното наследство воопшто?“, прашуваат од партијата.
Во реакцијата се изразува загриженост и поради, како што велат, контрастот меѓу декларативната заложба за заштита на природното наследство и состојбата на терен.
„Особено загрижува фактот што често слушаме големи зборови за заштита на наследството, туризмот и промоцијата на природните богатства, но кога ќе дојде моментот да се заштити едно конкретно место, институциите остануваат неми. Наместо државата да биде гарант на јавниот интерес, впечатокот е дека се повлекува пред поединци кои со години воспоставуваат сопствени правила“, велат од Левица.
Од партијата оценуваат дека случајот со Куклица претставува тест за способноста на институциите да ги заштитат добрата што самите ги прогласиле за вредности од јавен интерес.
„Куклица е тест за капацитетот на институциите да го заштитат она што самата држава го прогласила за вредност од јавен интерес. Кога еден од најпознатите природни феномени во Македонија станува пример за институционална немоќ, штетата не е само локална, туку врз угледот на целата држава“, порачуваат од Левица.

