Левица: Општина Тетово префрлила над 23.000 евра за Арабати Баба Теќе – додека градот се соочува со инфраструктурни проблеми

Советникот од Левица во Советот на Општина Тетово, Боби Илиевски, реагира на одлуката на Советот на Општина Тетово да одобри префрлање на 1.144.484 денари од општинскиот буџет за покривање на даночни обврски на Арабати Баба Теќе, оценувајќи дека станува збор за неодговорно трошење на јавни средства во услови на сериозни проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

Од партијата посочуваат дека додека жителите на Тетово се соочуваат со проблеми поврзани со комуналната хигиена, оштетена инфраструктура и недоволно квалитетни јавни услуги, локалната власт одлучила да издвојува средства за покривање на обврски на верски објект.

Советникот на Левица во Советот на Општина Тетово, Боби Илиевски, ја критикуваше одлуката и порача дека доколку носителите на власта сметаат дека е потребна ваква помош, треба да ја обезбедат од сопствени средства.

Од Левица прашуваат врз основа на кои критериуми се носат вакви одлуки и дали ист третман би добиле и други верски заедници или граѓани кои се соочуваат со финансиски тешкотии.

Според партијата, буџетот на општината го полнат сите граѓани, без разлика на нивната верска или етничка припадност, поради што јавните средства треба да се користат за решавање на приоритетните потреби на локалната заедница.

Оттаму повикуваат на поголема транспарентност и отчетност при трошењето на општинските средства, оценувајќи дека јавниот интерес мора да има предност пред партиските и политичките интереси.

Може да ве интересира