Левица обвини дека премиерот Христијан Мицкоски ја довел јавноста во заблуда со тврдењето дека не стои зад евентуалното вработување на претседателот на Уставен суд на Република Северна Македонија, Дарко Костадиновски, на универзитетска професорска позиција. Од партијата тврдат дека, по неуспешниот обид за ангажман на Правен факултет „Јустинијан Први“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, сега се прават напори тој да биде избран за професор на Правен факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Во партиското соопштение се наведува дека постојат „потврдени информации“ според кои Костадиновски, со поддршка од владини структури, се подготвува за професорски ангажман во Штип, при што се настојува да се искористат одредби од стариот Закон за високо образование.
„После неуспешниот обид за вдомување на актуелниот уставен судија Дарко Костадиновски на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ при УКИМ, сега тој е цврсто решен – со владини притисоци и министерска логистика – да се вдоми како универзитетски професор на Правниот факултет при УГД во Штип“, тврдат од Левица.
Од партијата посочуваат и на одлука на Сенатот на Универзитет „Гоце Делчев“, донесена на 27 мај годинава, со која бил изменет правилникот за избор во наставно-научни звања. Според Левица, измените овозможуваат иницијативата за распишување постапка за избор во звање да може да ја поднесат деканот или ректорот, наместо исклучиво катедрата, што според нив е направено со цел да се заобиколи противењето на Катедрата за меѓународно право.
„Ова персонално ‘штимање’ се прави со проѕирна и перфидна цел – да се заобиколи досегашното оправдано противење на Катедрата за меѓународно право да распише наместен конкурс“, наведуваат од партијата.
Левица дополнително прашува дали за Костадиновски воопшто има обезбедено соодветен број наставни часови, како и дали неговите академски квалификации од областа на меѓународното право се соодветни за предавање на предметот Уставно право.
Од партијата оценуваат дека ваквите потези претставуваат обид за „вмродизација“ на штипскиот Правен факултет и предупредуваат дека тоа може да ја наруши довербата во високото образование.
„Левица апелира до раководството на УГД да остане совесно, чесно и достоинствено и да не подлегнува под никакви притисоци, со единствена цел да ја одбрани универзитетската автономија“, се наведува во реакцијата.

