Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го презентираше двегодишниот отчет за работата на законодавниот дом, при што вниманието на јавноста го привлече фактот дека во официјалната публикација албанскиот јазик е наведен пред македонскиот, по примерот на неговиот претходник Талат Џафери.
На презентацијата не присуствуваше ниту еден пратеник од опозицијата, иако Гаши изјави дека покана била упатена до сите парламентарни групи на последната координативна средба.
Во отчетот, Гаши посочи дека актуелниот парламентарен состав за две години одржал 196 седници и донел 710 акти, што според него претставува поголема ефикасност во однос на претходниот состав. Дел од законските измени, сепак, се однесувале на усогласување на законите со уставното име на државата.
„Јавните функции не се мерат со моќта што ја носат, туку со одговорноста. Презентацијата на сработеното е израз на отчетност пред граѓаните“, изјави Гаши.
Тој нагласи дека неговата визија од почетокот на мандатот била Собранието да биде „дом за сите“ и институција што ќе го штити плурализмот, ќе го зајакнува дијалогот и ќе придонесува за европските аспирации на државата.
„Уште од првиот ден мојата визија беше јасна: Собранието – дом за сите. Собрание што го олицетворува институционалното достоинство, што го штити плурализмот и што дејствува одговорно кон европските аспирации на државата“, рече собранискиот спикер.
Според податоците од извештајот, значително е зголемен и бројот на пратенички прашања, особено по воведувањето на седниците за опозициски пратенички прашања. Воедно, актуелниот состав бележи и рекорден број интерпелации, што се толкува како засилена надзорна улога на парламентот врз извршната власт.
Гаши се осврна и на Предлог-законот за правична застапеност, оценувајќи дека е подобро да постои законско решение отколку воопшто да нема регулатива во оваа област.
„Подобро е да има закон отколку воопшто да нема. Ја повикувам опозицијата да учествува во дебатата и со свои предлози да придонесе за подобрување на текстот“, изјави тој.
Во однос на изборот на нов уставен судија, Гаши ги отфрли тврдењата дека Собранието намерно го одолговлекува процесот. Според него, постапката е блокирана поради отсуство на претставник од Судски совет, кој треба да го образложи предлогот за кандидат.
„За секоја точка потребно е присуството на предлагачот и ние чекаме да се обезбеди присуството на претставник на Судскиот совет“, изјави Гаши.

