Претставничка на Левица, Евгенија Станкоска учествуваше на собир на европските левичарски партии посветен на борбата против економската нееднаквост и моќта на крупниот капитал

Членката на Централниот комитет на Левица, Евгенија Станкоска, учествувала на меѓународниот настан „Tax the Rich“, кој се одржал во Милано во организација на Европската лева алијанса. Од партијата информираат дека Станкоска била дел од дебатите посветени на растечката економска нееднаквост, концентрацијата на богатството и влијанието на крупниот капитал врз политичките процеси.
Според Левица, на собирот присуствувале претставници на некои од највлијателните левичарски политички партии во Европа, меѓу кои француската „La France Insoumise“, германската „Die Linke“, шпанската „Podemos“, ирската „Sinn Féin“, португалската „Bloco de Esquerda“, словенечката „Levica“, како и партии од Шведска, Финска, Данска, Холандија и други земји.

„На заедничката дебата беа отворени прашањата поврзани со растечката нееднаквост, концентрацијата на богатството и политичката моќ на крупниот капитал“, соопштија од Левица.
Оттаму додаваат дека покрај учеството на конференцијата, Станкоска остварила и повеќе билатерални средби со претставници на европски левичарски партии, при што се разговарало за унапредување на политичката соработка, размена на искуства и можности за идни заеднички активности.
„За Левица, ваквите средби претставуваат можност за градење конкретни политички врски со партии кои денес се меѓу најгласните противници на неолибералните политики, даночните привилегии за најбогатите и потчинувањето на државите на интересите на финансиските елити“, наведуваат од партијата.
Од Левица посочуваат дека во услови кога политичките и економските процеси сè повеќе ги надминуваат националните граници, меѓународната соработка со сродни политички организации има особено значење.

