Димовски: Државните енергетски компании тонат во долгови, додека приватните остваруваат милионски профити на грбот на граѓаните

Инженерот Дејан Димовски, преку објава на социјалните мрежи направи споредба меѓу финансиската состојба на државните и приватните компании во енергетскиот сектор, посочувајќи дека државните претпријатија се соочуваат со високи долгови, додека приватните компании бележат огромни добивки.

Според Димовски, АД ЕСМ заклучно со 2025 година има обврски во висина од речиси 120 милиони евра, додека компанијата ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија должи над 29 милиони евра.

Тој посочува и дека државата продолжува да плаќа значителни средства за гасниот интерконектор во Александрополис.

Во објавата се наведуваат и податоци за профитите на приватните енергетски компании. Според него, компаниите од групацијата ЕВН во Македонија во 2025 година оствариле вкупна добивка од околу 45 милиони евра.

Димовски потсетува и дека ЕВН Македонија била продадена во 2006 година за 225 милиони евра, нагласувајќи дека матичната компанија во Австрија е со доминантен државен капитал.

Осврнувајќи се и на други компании од секторот, тој наведува дека ТЕ-ТО Скопје остварила добивка од над 10,5 милиони евра, додека ОКТА Скопје прикажала добивка од над 9,3 милиони евра.

Тој воедно изразува надеж дека академската заедница ќе направи подетална анализа на состојбите во енергетскиот сектор.

Може да ве интересира