Левица: Се подготвува новата еколошка дозвола за Усје, граѓаните ставени во административен лавиринт

Продолжувањето на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата ТИТАН Усје предизвика остри реакции од Левица, од каде обвинуваат дека институциите покажуваат толеранција кон корпорацијата, додека граѓаните и стручната јавност се соочуваат со кратки рокови и ограничен пристап до информациите.

Од партијата велат дека јавноста има само 30 дена да ја анализира обемната документација која ќе влијае врз квалитетот на воздухот и здравјето на граѓаните во наредните седум години, додека на компанијата ѝ биле оставени повеќе од два месеци за дополнувања и корекции.

Партијата смета дека процесот не е доволно транспарентен и дека документацијата е објавена на начин што ја прави тешко достапна за пошироката јавност.

Од Левица поставуваат прашање зошто институциите не спроведуваат поширока информативна кампања за постапката и зошто граѓаните сами треба да ја бараат документацијата за проект кој директно влијае врз нивното здравје.

Дополнителна загриженост, според партијата, предизвикува можноста јавната расправа да се одржи веднаш по 26 јуни, во период кога започнуваат летните одмори.

Партијата потсетува дека цементарницата со години остварува милионски профити, додека жителите на Скопје се соочуваат со последиците од загадениот воздух.

Левица бара продолжување на рокот за доставување јавни забелешки, одржување на јавната расправа во термин што ќе овозможи масовно учество, независна експертска ревизија на документацијата, задолжителен независен мониторинг на емисиите со јавно достапни податоци во реално време, како и воведување построги еколошки стандарди.

Може да ве интересира