Левица: Нападите од страна на Израел врз мировниците на ОН во Либан, меѓу кои има и македонски војници, се закана за меѓународната безбедност – молкот на Владата е соучесништво

Политичката партија Левица остро реагираше по повод нападот врз мировната мисија на Обединетите нации во Либан, при кој загина српскиот мировник Милован Јовановиќ, а беа повредени и други припадници на меѓународните сили. Од партијата оценуваат дека нападите врз персонал ангажиран под мандат на ОН претставуваат сериозен удар врз меѓународната безбедност и мировните напори на Блискиот Исток.

Во реакцијата, Левица посочува дека во рамките на мисијата УНИФИЛ се ангажирани и припадници на Армијата на Република Македонија, поради што, како што наведуваат, директно се загрозени и животите на македонските мировници.

Од Левица упатија сочувство до семејството на загинатиот мировник Милован Јовановиќ и до српскиот народ, истакнувајќи дека безбедноста на сите мировници мора да биде гарантирана согласно меѓународното право.

Партијата изразува загриженост што, како што наведува, нападите врз мировната мисија на ОН се случуваат без соодветна реакција и последици за Израел.

Во реакцијата се оценува дека случувањата во Либан потсетуваат на, како што велат, методи применувани во Газа, при што се создава атмосфера на страв, несигурност и уништување на цивилната инфраструктура.

Левица бара Министерството за надворешни работи и Владата итно да излезат со официјална реакција и јасна осуда на нападот врз мировната мисија.

Од Левица додаваат дека остануваат противник на политиките кои, според нив, водат кон цивилни страдања, регионална дестабилизација и кршење на меѓународното право.

На крајот, од партијата порачуваат дека ќе продолжат да ги поддржуваат напорите за мирно решавање на конфликтите, почитување на меѓународното право и градење односи засновани на соработка и меѓусебно почитување меѓу народите.

Може да ве интересира