Анастасов: Без стабилен фонд за јаловишта „безбедно рударство“ е празна приказна

  • Став на Дејанчо Анастасов

Колку и да звучат уверливо ветувањата за економски развој, нови работни места и долгорочни инвестиции, постои една вистина што никој не може да ја избегне – секој рудник има свој крај. Ниту едно наоѓалиште не е бесконечно, ниту пак постои рударска експлоатација што трае засекогаш. Рудата се исцрпува, профитот се префрла на друго место, машините си заминуваат, а зад нив остануваат последиците со кои со децении, а понекогаш и со векови, треба да живеат граѓаните и природата.

Рударската експлоатација, по својата природа, е со ограничен временски период од 10, 20 или 30 години. По тој период, компанијата го губи економскиот интерес, а регионот останува со последиците. Јаловиштата, исечените ридови, загадените води и деградираната почва не исчезнуваат со затворањето на рудникот. Напротив, тогаш започнува најчувствителната фаза.

Фактот дека секој рудник има крај значи само едно, одговорноста мора да се планира уште од почетокот. Плановите за затворање, санација и рекултивација мора да бидат реална обврска, поткрепена со финансиски средства. Често се слуша аргументот дека рудникот ќе донесе „развој со децении“. Но, дури и тие децении се кратки во споредба со вековите во кои природата и луѓето ќе ги чувствуваат последиците. Затоа, ограничениот век на рудникот не смее да биде алиби за трајна еколошка штета.

За да се надмине еколошката штета по затворање на рудникот потребно е уште при самото негово отворање да биде обезбеден и „фонд за јаловишта“. Иако во законите не секогаш се користи терминот „фонд за јаловиште“, суштината е недвосмислена: рудникот мора однапред да обезбеди финансиски средства за санација, одржување и мониторинг на јаловиштето. Без разлика дали тие ќе бидат во форма на банкарска гаранција, осигурување, депозит или наменски фонд, суштината е иста, компанијата мора однапред да обезбеди доволно средства за одржување, санација и справување со евентуални хаварии и по затворањето на рудникот. Во спротивно, ризикот се префрла врз државата и граѓаните.

Кога ќе се појави проблем со рудник, првото прашање не смее да биде само техничко, туку финансиско: дали постојат доволни средства за санација и итна интервенција? Затоа што ако компанијата банкротира, се повлече или ја смени сопственичката структура, тогаш државата останува сама пред огромен еколошки и финансиски товар.

Проблемот е што јавноста речиси никогаш нема јасен увид во тоа колкави се тие фондови, дали се усогласени со реалните трошоци и дали навистина би можеле да покријат сериозна хаварија. Во услови кога трошоците за одржување на едно јаловиште можат да достигнат десетици, па и стотици милиони евра, симболични гаранции не значат заштита, туку само одложување на идниот проблем.

Особено загрижува фактот што контролата најчесто се прави предоцна, кога рудникот веќе е затворен, профитот е извлечен, а одговорноста станува нејасна. Затоа Владата и надлежните институции мора да делуваат сега, додека рудниците работат и остваруваат приходи. Потребно е да се утврди дали постојат валидни финансиски гаранции, дали нивниот износ е реален во однос на големината и ризикот на јаловиштата и дали се предвидени средства за долгорочно одржување и можни хаварии.

Меѓународната пракса покажува дека одржувањето на јаловиште не завршува по неколку години, туку може да трае и повеќе од еден век. Кај рудници со тешки метали и ризик од загадени води, трошоците за третман и мониторинг со текот на времето стануваат огромни, особено ако се пресмета инфлацијата и потребата од постојани интервенции. Тоа значи дека фондовите за санација не смеат да бидат фиктивни бројки ставени во документација, туку реални средства што ќе обезбедат заштита и кога рудникот повеќе нема да постои.

Ако едно јаловиште треба да се одржува 150 години фондот не може да биде симболичен. Дури и кај „мирно“ јаловиште, цената лесно оди во десетици милиони евра. Кај рудници со тешки метали, киселинска дренажа или ризик од загадени води, обврската може да биде стотици милиони евра. Затоа Владата мора веднаш да провери колкави фондови имаат рудниците. Ако фондовите се мали, тогаш не станува збор за заштита на животна средина туку за префрлање на идниот трошок врз граѓаните.