Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, прогласи победа на Иран во неодамнешниот конфликт со Израел и Соединетите Американски Држави, оценувајќи дека „злобниот непријател“ претрпел пораз и понижување како на воен план, така и во очите на јавноста. Изјавата беше прочитана на церемонија по повод 37-годишнината од смртта на основачот на Исламската Република, Рухола Хомеини.
Во своето обраќање, Хамнеи порача дека Иран успешно се спротивставил на своите противници и ја повика нацијата на единство во периодот што следува.
„Ѝ кажувам на драгата иранска нација дека злобниот непријател сега доживува длабоко и значајно понижување, како на военото бојно поле, така и на јавната сцена и сега е фокусиран на измама“, изјави Хамнеи.
Тој предупреди дека, според него, постојат обиди за дестабилизација на Иран преку создавање поделби во општеството.
„Откако Иран успеа да го одбие непријателот, кој беше поразен на бојното поле, сега се обидува да ја поткопа отпорноста на иранскиот народ и да посее раздор“, рече иранскиот лидер.
Во обраќањето, Хамнеи повторно ја критикуваше израелската политика, оценувајќи дека силен и независен Иран претставува пречка за геополитичките интереси на Израел во регионот.
„Системот на доминација, кој создаде гарнизон наречен Израел пред речиси 80 години, не го прифаќа постоењето на силен и независен Иран“, изјави тој.
Неговата изјава доаѓа во време на шпекулации за можен мировен договор и обновување на дипломатските контакти меѓу Техеран и Вашингтон. Според американските медиуми, Хамнеи не се појавил во јавноста од почетокот на конфликтот, а неофицијални информации тврдат дека бил повреден во нападите и подложен на повеќе операции. Иранските власти досега не ги потврдиле овие наводи.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп откри дека новиот ирански лидер бил вклучен во разговорите меѓу Иран и САД и оцени дека комуникацијата меѓу двете страни била позитивна.
„Тој е вклучен, апсолутно. Да, мислам дека имаат многу почит кон него“, изјави Трамп, додавајќи дека би сакал лично да се сретне со Хамнеи.
„Да, би сакал да го запознаам. Би сакал да се сретнам со сите. Би сакал да се сретнам со него и веројатно ќе се сретнеме во одреден момент, во зависност од тоа како ќе се одвива сè“, рече американскиот претседател.
Хамнеи беше избран за нов врховен лидер на Иран од страна на Собранието на експерти, околу десет дена по смртта на неговиот татко. Неговата последна изјава се толкува како обид за зацврстување на внатрешното единство и испраќање порака дека Иран излегол како победник од конфликтот, додека паралелно продолжуваат дипломатските напори за стабилизирање на состојбата во регионот.

