Левица: Славески наместо да биде „изненаден“, да ги заштити граѓаните од банкарската алчност

Левица реагираше на изјавата на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во која тој изрази загриженост поради најавите за зголемување на надоместоците во платниот промет, оценувајќи дека станува збор за задоцнето признавање на проблем на кој партијата со години предупредува.

Од Левица сметаат дека банкарскиот сектор се претворил во олигопол кој остварува рекордни профити на товар на граѓаните и стопанството, додека истовремено ги зголемува трошоците за основните банкарски услуги.

Според Левица, во услови кога банките бележат историски високи добивки и високи каматни маржи, дополнителното зголемување на провизиите не може да се оправда со пазарни причини.

Партијата посочува дека речиси истовременото зголемување на надоместоците од страна на повеќе банки отвора сомнежи за можно координирано однесување и бара институциите да реагираат.

Оттаму оценуваат дека платниот промет претставува основна услуга неопходна за секој граѓанин и компанија и дека не е доволно банките само да бидат повикани да ги преиспитаат своите одлуки.

Левица бара воспоставување јасна регулатива за работата на банките, оценувајќи дека во моменталните услови граѓаните се оставени на милост и немилост на финансиските институции.

Може да ве интересира