Владините тврдења за економски напредок се базираат на селективно користење на статистички показатели и не ја отсликуваат реалната состојба во македонската економија, оценува Марјан Димитриев во објава на социјалните мрежи. Според него, официјалните податоци покажуваат висока стапка на сиромаштија, пад на индустриското производство и континуиран притисок врз животниот стандард на граѓаните.
Димитриев посочува дека владините пофалби оти Македонија е меѓу водечките европски економии според одредени споредби на „Еуростат“ не ја прикажуваат вистинската слика за економската моќ и квалитетот на живот на населението.
„Фалењето дека земјата е ‘5-та економија во Европа’ според поединечни Eurostat споредби служи повеќе како политички маркетинг отколку како реална анализа на економската сила. Ваквите рангирања не ја рефлектираат внатрешната структура на економијата ниту квалитетот на животниот стандард на граѓаните“, наведува Димитриев.
Тој предупредува дека податоците за сиромаштијата се особено загрижувачки, нагласувајќи дека 21,9 проценти од граѓаните живеат под прагот на сиромаштија.
„Особено загрижува фактот што без пензии и социјални трансфери стапката на сиромаштија би изнесувала неверојатни 39,4 проценти“, истакнува тој.
Во однос на економскиот раст, Димитриев смета дека стапките од 3 проценти во 2024 година и 3,5 проценти во 2025 година не претставуваат развоен исчекор, туку показател за продолжена стагнација.
„Растот на БДП не претставува забрзан развој, туку умерена стагнација која не може да одговори на структурните проблеми. Во услови на вакви трендови, ‘растот’ станува статистичка илузија која не се чувствува во секојдневниот живот“, наведува Димитриев.
Тој укажува и на негативните движења во индустрискиот сектор, посочувајќи дека кумулативниот индустриски индекс од јуни 2024 до март 2026 година бележи пад од 3,4 проценти.
„Тоа значи дека реалниот производствен капацитет на економијата не се шири, туку се намалува, што е директен сигнал за слабеење на индустриската моќ, намалена конкурентност и недоволни инвестиции во домашното производство“, оценува тој.
Според Димитриев, дополнителен проблем претставува инфлацијата, која останува на високо ниво, додека растот на платите забавува.
„Кога инфлацијата расте побрзо од реалните плати, резултатот е јасен – граѓаните секоја година можат да купат помалку со истите пари“, наведува тој.
На крајот, Димитриев повикува на поинаков пристап во економските политики.
„Наместо триумфализам, потребна е сериозна економска стратегија која ќе се фокусира на индустријата и реалното подобрување на животниот стандард, а не на селективно читање на статистика“, порачува тој.

