Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи повика на зголемување на минималната плата, повикувајќи се на ставови на економистот Адам Смит, кого го сметаат за еден од основоположниците на капитализмот.
Апасиев во својата објава посочува дека критиките кон идеите на Карл Маркс често доаѓаат од десничарските кругови, па затоа решил да цитира авторитет од капиталистичката економска мисла.
„Често десничарите се ежат од Маркс. Па затоа сега, еве ќе им цитирам еден поборник на капитализмот – Адам Смит, кој уште пред два и пол века им објасни, ама кој да чита“, напиша Апасиев.
Тој цитира дел од делото „Богатството на народите“ од 1776 година, во кое Смит наведува дека високите плати ја поттикнуваат работливоста и продуктивноста на работниците.
„Како што изобилното наградување на работата го поттикнува раѓањето, така ја зголемува и работливоста на луѓето. Поради тоа, таму каде што платите се високи, ќе најдеме дека работниците се секогаш поживи, повредни и поитри, одошто таму каде што се ниски“, гласи цитатот што го објави Апасиев.
На крајот од својата објава, претседателот на Левица упати директна порака до носителите на економските политики.
„Наравоучение: Зголемете ја минималната плата бе, идиоти!“, порача Апасиев.

