Охрид SOS: Институциите ја префрлаат одговорноста за срушената куќа на „Димитар Влахов“ – додека исчезнува архитектонското и културно наследство на Охрид

Еко-иницијативата обвинува за неактивност на надлежните и предупредува дека градот за кратко време изгубил повеќе значајни објекти

Граѓанската иницијатива Охрид SOS остро реагираше на ставовите на Управата за заштита на културното наследство во врска со неодамнешното рушење на куќата на улицата „Димитар Влахов“, оценувајќи дека институциите наместо да го заштитат културното наследство, меѓусебно ја префрлаат одговорноста додека Охрид неповратно ги губи своите архитектонски вредности.

Во соопштение со наслов „(Не)надлежни“, од Охрид SOS посочуваат дека Управата најпрво навела оти објектот се наоѓал во контактната зона на старото градско јадро на Охрид, а подоцна со дополнување на објавата констатирала дека куќата всушност била надвор од таа зона и затоа институцијата немала надлежност да постапува.

Критики за пасивноста на институциите

Од иницијативата потсетуваат дека Управата како надлежна институција го посочила Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид како орган што треба да ја следи состојбата на терен, но според нив таквото следење со години изостанува.

Тие ја коментираат и изјавата на локалната институција дека објектот поседувал архитектонски вредности само на јужната фасада, како и дека не биле информирани за намерата за негово рушење и за изгледот на новопланираната градба.

Предупредувања уште пред една година

Од граѓанската иницијатива велат дека уште пред повеќе од една година алармирале за спорниот урбанистички план на потегот кај Маларична и за можноста да бидат урнати повеќе вредни објекти.

Во реакцијата се потсетува и на случајот со ресторанот „Парк“, за кој, како што велат, навремено поднеле барање за привремена заштита, но институциите не презеле ништо.

„Колку уште наследство треба да се изгуби?“

Според иницијативата, Охрид за краток временски период изгубил повеќе објекти кои требало да бидат дел од неговото архитектонско и културно наследство.

Тие оценуваат дека наместо конкретна одговорност, јавноста добива „штури изјави“ и релативизирање на проблемот, додека, како што велат, исчезнуваат уникатни делови од колективната историја на Охрид.

Може да ве интересира