Левица: Наместо избор на нов директор Орце Ѓорѓиевски треба да ја стави Универзална сала во привремено мирување

Партијата бара Георгиевски да објави докази за поништениот конкурс и предлага рационализација на трошоците до завршување на реконструкцијата.

Левица реагираше на изјавите на градоначалникот на Град Скопје, Орце Георгиевски, во врска со поништениот конкурс за избор на директор на ЈУ „Универзална сала“, обвинувајќи го дека изнел невистинити информации и ја довел јавноста во заблуда.

Од партијата посочуваат дека Георгиевски тврдел оти конкурсот бил поништен затоа што се пријавил само еден кандидат со нецелосна документација, но според нив, јавно достапните информации отвораат сомнежи околу точноста на ваквото образложение.

Во реакцијата, партијата оценува дека случајот отвора и пошироко прашање – дали воопшто има потреба од избор на директор во институција чиј објект сè уште не е завршен и не ја извршува својата основна дејност.

Според нив, нема оправданост за спроведување постапки за избор на директор, нови вработувања и создавање дополнителни административни трошоци за институција која моментално нема функционален објект и не работи во полн капацитет.

Левица предлага и сите постојни вработени во ЈУ „Универзална сала“ привремено да бидат распоредени во другите јавни установи под надлежност на Град Скопје.

Оттаму додаваат дека приоритет на градските власти треба да биде завршување и оспособување на институцијата, наместо кадровски решенија пред таа да започне со работа.

Може да ве интересира