Аврамовска: Во име на профитот се уништува Охрид – институциите ги „перат рацете“ за рушењето на куќата на Димитар Влахов

Советничката од Левица во Советот на Општина Охрид, Виолета Аврамовска, со жестока реакција по повод рушењето на куќата на Димитар Влахов, обвини дека со години Охрид се уништува во корист на профитерски интереси, додека институциите избегнуваат одговорност за урбанистичките политики кои го бетонизираат градот.

Во објава на социјалните мрежи, Аврамовска посочува дека надлежните институции и локалната власт се прогласиле за ненадлежни во случајот со рушењето на објектот, повикувајќи се на фактот дека куќата не била под заштита и дека урбанистичкиот план за локацијата бил донесен уште во 2008 година.

Таа предупреди дека на местото на срушениот објект најверојатно ќе никнат нови станбени згради, иако во непосредна близина се наоѓаат две училишта и детска градинка.

Аврамовска ја критикува и долгогодишната урбанизација на градот, оценувајќи дека профитот станал поважен од животната средина и квалитетот на животот на граѓаните.

Според неа, граѓаните своето незадоволство најчесто го изразуваат на социјалните мрежи, но нивните реакции остануваат игнорирани од носителите на власта.

Во објавата, Аврамовска укажува и на проблемот со загадувањето на воздухот, како и на, како што вели, узурпацијата на јавниот простор преку узурпирани тротоари и улици.

Може да ве интересира