(Видео)„Охрид СОС“: Уништување на зеленило и најавено уривање на објект од 1927 година во Охрид

Во Охрид е уништено урбаното зеленило околу објект изграден во 1927 година, за кој граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ претходно бараше да биде прогласен за споменик на културата. Наместо заштита, како што информираат од иницијативата, багери го израмниле теренот околу објектот, што отвора сомнежи дека се подготвува и негово уривање.

Од „Охрид СОС“ посочуваат дека уште минатата година реагирале за значењето на овој објект и го вклучиле во листа на објекти кои треба да добијат заштитен статус. Таа листа, според нив, требало деновиве да биде доставена до надлежните институции, меѓу кои и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.

Активистите алармираат и за небезбедни услови на терен. Како што наведуваат, на местото нема никакви ознаки или заштита, иако се работи во непосредна близина на основното училиште „Григор Прличев“. Според нив, пешаци се движат покрај механизацијата додека таа го уништува зеленилото.

Според информациите што ги добиле од операторот на машината, теренот се расчистува за изградба на нов станбен објект. Од иницијативата потсетуваат дека уште минатата година доставиле забелешки на стручната оценка за влијание врз животната средина за истиот проект, но до денес немаат добиено одговор.

„Огромната зграда која се планира е во спротивност со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион“, велат од „Охрид СОС“, додавајќи дека за тоа приложиле бројни аргументи.

Во меѓувреме, граѓанската поддршка за зачувување на оваа урбана целина расте. Активистите информираат дека петицијата за заштита на објектите од архитектонското наследство на минатиот век и училишниот парк досега ја потпишале околу 1.000 граѓани.

Може да ве интересира