(Видео) Јанчев до Лимани: Дали планирате да воведете „родител-негувател“ за децата со попреченост?

Пратеникот на Левица, м-р Сашко Јанчев, на собраниска седница постави пратеничко прашање до министерот за социјална политика, демографија и млади, барајќи одговор дали се размислува за воведување на институт, “родител-негувател“ во македонскиот систем за заштита на децата со попреченост?

Тој нагласи дека децата со попреченост имаат различни и специфични потреби кои не можат да се сведат на унифициран систем на грижа, па токму родителите се тие кои најдобро можат да одговорат на нивните потреби. Како решение, Јанчев го посочи моделот „родител-негувател“, според кој родителот би добивал месечен надомест од државата за грижата што ја обезбедува за своето дете.

Пратеникот Јанчев направи споредба со постојниот систем на лична асистенција, оценувајќи дека тој е недоволен. Според него, законски предвидените 80 часа месечно лична асистенција покриваат само мал дел од реалните потреби на децата кои бараат континуирана грижа.

„Во месецот има 720 часа. Остануваат повеќе од 640 часа кои повторно паѓаат на товар на родителот“ – посочи Јанчев, и додаде дека чест проблем е и тоа што децата не секогаш прифаќаат лични асистенти, како и можноста асистентот да се откаже, што создава дополнителен товар за семејствата.

Јанчев посочи дека сличен модел веќе се применува во соседна Србија, најпрво на локално, а сега и на законско ниво, и побара бидејќи нема претставник од Министерството, писмено да му биде одговорено дали и во Македонија се планира воведување на ваков институт.

Може да ве интересира