Перцепцијата на граѓаните дека Собранието има подредена улога во однос на Владата и дека контролната функција што ја имаат народните избраници е многу слаба, според пратеничката од Левица, Јована Мојсоска е слика која го следи не само овој пратенички состав, туку и претходниот. Според неа, Истражувањето на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, според кое граѓаните даваат средна оценка за работата на Собранието и сметаат дека Владата владее со Собранието е главно резултат на делувањето на поголемите политички партии.
Во однос на истражувањето, иако сме само со шест пратеници, сепак ги поместуваме критериумите на парламентарното дејствување. Како што пишува во самото истражување, она по кое најмногу се памети во изминатите две години е јавната расправа за трагедијата во Кочани, која беше организирана преку постапката на анкетната Комисија за човекови права со која претседава нашиот пратеник Димитар Апасиев. Постигнавме да го подигнеме нивото на надзорната улога на Собранието и сметаме дека и тоа како беше запоставено во изминатиот период, изјави Мојсоска.
Таа додава дека оваа собраниска комисија во изминатиот период и воопшто не заседавала и додава дека како пратеничка група се обидуваат да го подигнат нивото на делување.
Се трудиме да го подигнеме нивото, затоа што како што кажа и самото истражување, Собранието се перципира само како гласачка машинерија на власта и тоа не е само во овој мандат. Слободно можам да кажам дека и во претходниот мандат кога СДСМ беа на власт и сега и во овој мандат, речиси и да не се прифаќа ниту еден предлог-закон на Левица, што го покажува нивото на демократски капацитет на овие естаблишментски партии. Тоа нас и не нѐ изненадува оти покажува дека за 35 години менјнстрим партиите покажуваат една невидена ароганција. Има отсуство на основен капацитет за мерки кои се потребни за граѓаните и навистина покажуваат висок степен на насилие. Ако се види кај нас во предизборието, голем дел од победата на избори зависи од уцени, поткуп и притисок со гласови, што покажува дека сме далеку од едно демократско и парлментарно општетство, потенцира пратеничката од Левица.
Граѓаните му пишаа двојка на Собранието во новото истражување, според кое работата на законодавниот дом во 2026 година е оценета со средна оценка 2,7 на скала од 1 до 5, додека довербата и натаму останува ниска поради перцепцијата дека пратениците почесто ги штитат личните, партиските и бизнис-интересите отколку интересите на граѓаните.
Најсилниот удар врз довербата доаѓа од перцепцијата за тоа чии интереси навистина ги застапуваат пратениците. Според истражувањето, 74 проценти од граѓаните сметаат дека пратениците секогаш ги застапуваат сопствените лични интереси. Дополнително, 66 проценти сметаат дека тие го следат тесниот интерес на партиското раководство, а 56 проценти ги поврзуваат со бизнис-интереси.
Особено загрижувачки е податокот дека 64 проценти од испитаниците сметаат дека пратениците често или секогаш користат омаловажувачки и деградирачки говор кон политичките противници. Речиси половина од анкетираните сметаат дека таквиот речник се користи често, додека 15 проценти оцениле дека постојано се случува тоа.
Истражувањето покажува и дека кај мнозинството граѓани не постои чувство дека пратениците активно отвораат прашања од нивни интерес. Повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека не забележале пратеник да поведе иницијатива поврзана со нивните проблеми или потреби.
Истражувањето било спроведено од 27 февруари до 10 март 2026 година, преку теренска анкета со 1.002 испитаници од целата држава.
Веста е преземена од Локално

