Поразителните наоди за работата на Собранието, кои укажуваат на пад на довербата кај граѓаните и силна перцепција за доминација на Владата врз законодавниот дом, се дел од реакцијата на Секторот за политички систем при партијата Левица. Како што соопштија од таму, истражувањето спроведено од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ јасно ја потврдува состојбата на долгорочна нефункционалност и недостиг на вистинска контрола врз извршната власт.
Според Левица- Сектор Политички систем, овие податоци не претставуваат моментална состојба, туку резултат на долг период на нефункционалност и ерозија на улогата на законодавниот дом, при што Собранието сè повеќе се сведува на инструмент на Владата. Од Секторот за политички систем при Левица оценуваат дека ваквите тенденции претставуваат сериозен системски проблем кој ја поткопува демократијата и институционалниот баланс во државата.
Во продолжение, во реакцијата се наведува дека Собранието е сериозно потчинето и лишено од својата суштинска функција, при што пратениците сè почесто делуваат како продолжена рака на партиските раководства и извршната власт. „Оваа состојба не претставува нормална политичка динамика, туку опасна концентрација на моќ“, реагираат од Секторот за политички систем при Левица.
Од таму се поставува и прашањето: „Дали Собранието воопшто има волја да ја контролира Владата, или веќе е само продолжена рака за верификација на владини одлуки?“
Понатаму, во реакцијата се повикуваат на податоците од истражувањето, според кои 21 процент од граѓаните сметаат дека Владата има целосна контрола врз Собранието, додека само 3 проценти веруваат во спротивното. Дополнително, 74 проценти од граѓаните сметаат дека пратениците ги штитат сопствените интереси, а 66 проценти дека приоритет имаат партиските агенди, додека само 9 проценти веруваат дека тие ги застапуваат сите граѓани.
„Ако пратениците не се препознаваат како претставници на народот, тогаш се поставува прашањето кого всушност претставуваат?“, реагираат од Секторот за политички систем при Левица, посочувајќи и дека 61 процент од граѓаните не ги познаваат своите пратеници, што укажува на длабока отуѓеност меѓу избраните претставници и јавноста.
Вореакцијата се осврнуваат и на трагедијата во Кочани, оценувајќи дека таа била момент кога Собранието требало да покаже одговорност и надзорен капацитет, но наместо тоа резултирала со незадоволство кај граѓаните. Според реакцијата, значаен дел од јавноста ја оценил надзорната расправа со најниски оценки, додека, како што наведуваат, „јавноста виде формалност и избегнување на клучните прашања од страна на Власта предводена од ДПМНЕ и Христијан Мицкоски“.
На крај, од Секторот за политички систем при Левица предупредуваат дека ваквата состојба не смее да се нормализира, бидејќи директно ја поткопува демократијата и ја намалува институционалната одговорност во државата.

